Skip to main content

АРХРИД за судбината на касарната

АРХРИД ги сподели своите гледишта за Студиајта за Касарна. Оваа студија е прв чекор и во иднина ќе подлежи на гласање на советот на општина Охрид и доколку се усвои, ќе биде база за идниот Детален Урбанистички План, а со тоа ќе се запечати “судбината” на овој простор за генерациите што следат, велат од Архрид и повикуваат на поголема вклученост на граѓаните за ова значајно зелено парче на градот.
 |  инфодеск  | 

Архрид ( стручен архитектонско-урбанистички колектив) беше поканет и присуствуваше на јавна расправа за „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“ која се одржа неодамна. Денеска тие ги споделија со јавноста своите гледишта во врска со студијата и воопшто иднината на просторот на поранешната касарна во Охрид.

Архрид најпрвин изразува пофалба за иницијативата за развој во насока на бенефит на заедницата. Сметаат дека точките кои предвидуваат отворање на работни места, економски раст, урбана ревитализација се позитивни аспекти кои би воделе кон прогрес како на зоната, така и на градот во пошироки рамки. Уште еден позитивен аспект кој се обработува во студијата е зеленилото како екстремно значаен еколошки и урбан елемент во рамки на разгледуваниот простор.

За слободниот простор е напишано: ,,Рекреативните зони можат да понудат широк спектар на атракции, како што се тематски паркови, водни паркови, авантуристички паркови, спортски терени, ботанички градини и други рекреативни активности на отворено.“ , посочуваат од Архрид.

Покрај ова, мислиме дека клучен дел за успех на овој процес е потребата за конкретизирање на програмските барања и јасно поставување на визијата, за да може да знаеме за што точно говориме. Овој пристап на давање премногу општи препораки не носи на размислување во насока на тоа дека се остава голем простор за маневар на крајната одлука која, како што беше напоменето на самиот настан ќе биде „политичка“ одлука. Како и до сега, од време на време гледаме сегментирано исполнување на просторот, кое е многу арбитрарно, со многу функции кои случајно се нашле тука, а не биле дел од некаков првичен план, посочуваат од Архрид.

Според нив на студијата и фалат референци користени за студијата, опис на фотографии и визуелизации, а исто така и транспарентност во однос на тимот на експерти кои ја изработиле студијата, бидејќи таа е објавена без автор.

Додаваат дека, задолжително би требало да се консултираат граѓаните преку анкета која во студијата изостанува. Велат дека во студијата исто така може да се видат доста бројки и податоци кои не подлежат на некаква фактичка состојба туку се арбитрарни, додека некои од програмите кои моментално функционираат не беа воопшто спомнати, како Младинскиот Центар Охрид.

Во однос на Деталниот Урбанистичкиот План кој треба да биде донесен, Архрид повикува на транспарентен процес и согледување на можните следни чекори во овој процес. Посочуваат дека за развој на вакви слични, особено значајни и пространи сегменти од градот се спроведуваат квалитетно организирани (меѓународни) конкурси.

Особено битен момент при спремање конкурс е однапред зададената програма, на која би се засновале трудовите, носејќи низа на опции, натпревар на идеи до конечно оптимално решение за просторот.

Како пример го наведуваат конкурсот за Расадник во општина Кисела Вода.(https://www.facebook.com/1OrceGj/posts/pfbid02PB1DBbzRgDjj538VAGGxKtGHSxts6XJ31GkiNSj3M2HnGWA1ATpQJEBrquLVfNnsl)

Од Архрид повикуваат на поголема вклученост на граѓаните за ова значајно зелено парче на градот.

Очекуваме заинтересираност и вклученост во процесите доколку ја делиме идејата за задржување на даденостите на Охрид и спречување на неговата идна урбана деградација. Овој процес, на крајот на денот, ќе биде многу долг и следат уште некои чекори како: доставување на финална верзија на студијата, нејзино изгласување и потврдување од Советниците на општината, потоа, доставување предлог ДУП и анкети за истиот, се до финалното изгласување на истиот, кога веќе ќе биде доцна за понатамошна интервенција. Одлуката која сега, или во блиска иднина ќе се донесе, ќе има долгогодишни, ако не и повеќе-вековни импликации на урбаниот тек на градот.“ – порачуваат архитектите.