Реакцијата на граѓанин во ТиСиТвојотГрад за депонија во градските гробишта стигна и на седница на Совет
Муслиманскиот дел на градските гробишта во Охрид се претвора во депонија за градежен шут, реагира граѓанинот Хермин Зиба преку рубриката ТиСиТвојотГрад. Тој до редакцијата на ТВМ испрати видео на кое се гледа дека на поголема површина има одлагање на отпад.
„Несовесни граѓани одлагаат земја и градежен шут во муслиманскиот дел на гробиштата. Подолго време се формира депонија. Се носи градежен шут со приколици. Бараме ЈП Градски гробишта во најкраток можен рок да го расчисти просторот.“ – реагира Зиба.
ТВМ побара информација од Општина Охрид дали е извршен инспекциски надзор од страна на комунален инспектор, што е констатирано и што ќе биде преземено во врска со проблемот.
„Општинскиот инспекторат врши инспекциска постапка. После завршувањето на увидната постапката овластениот инспектор за животна средина ќе донесе соодветни инспекциски мерки. “ – одговорија од локалната без да изнесат повеќе детали.
За проблемот за којшто реагираше граѓанинот преку ТиСиТвојотГрад побравме одговор и од ЈП Градски гробишта. Оттаму , денеска, во допис демантираа дека на влезот од муслиманските гробишта се одлага земја и шут кои се носат од надвор.
„Се работи за земја и шут кој потекнува од работните активности кои се изведуваат во самите гробишта и истите се времено одложени во тој дел “ – се вели во дописот од јавното претпријатие.
Проблемот со депонијата на гробиштата стигна и на Седница на градскиот совет.
„ Мислам дека ќе имаме голем револт со неплаќање и петиции за да не се плаќа за одржување на градските гробишта. Барам да ми одговори директорот на Градски гробишта за колку време ќе се среди состојбата “– кажа од говорницата советникот од ДУИ, Османи Бесник.
Новиот директор на ЈП Градски гробишта, Драган Тренески, кој на функцијата е 20-тина дена, кажа дека презел низа активности пред се во поглед на хигиената, организацијата и одржувањето на градските гробишта. Потребно е време и средства, посочи директорот, но даде ветување дека проблемот ќе биде решен.
„ Бидејќи тој дел кај муслиманските гробишта беше позапоставен , беше ветено, и веднаш е пристапено кон средување и подобрување на хигиената , пред се да обезбедиме достоинствено место. На тој план се работи секојдневно онолку колку што се нашите можности. Имаше поплаки од низа граѓани пред се во одредени телевизии. Имавме одредени контроли и денес е започнато со расчистување на депонијата. “ – кажа Тренески.
Претседателот на Совет, Сашо Донев посочи дека не само во муслиманскиот дел туку проблем со градежен шут има и во еден дел од христијанските гробишта, додавајќи дека проблемот се провлекува со години наназад и доколку е потребно општината ќе излезе во пресрет на претпријатието со обезбедување на средства за негово целосно решавање