Skip to main content

36 Седница на Совет на Општина Охрид

Буџетот на Општина Охрид за 2024 година проектиран на околу 1,7 милијарда денари

Околу 27 милиони евра тежи вкупниот буџет на Општина Охрид за 2024 година. За локалната власт развоен буџет во корист на граѓаните, опозицијата пак, се сомнева дека буџетот ќе се реализира онака како што е проектиран, односно без ребаланси. Но, и едните и другите сложни за подигнување на безбедноста во училиштата на територијата на Општина Охрид, за што беше усвоен амандман предложен од советничката Живка Ангелоска.
 |  Маја Савиќ  | 

Основниот буџет на Општина Охрид за 2024 година  изнесува 978.170.000 денари. Планираните приходи на општината заедно со средствата од државата формираат вкупен буџет за следната година од блиску 1,7 милијарди денари што е зголемување во споредба со предходната година за околу 300 милиони денари. 

Според локалната власт буџетот е развоен, повеќе средства во корист на граѓаните и за нивните потреби. Опозицијата, пак,  скептична дека буџетот ќе успее да го задржи истиот лик и ќе биде реализиран онака како што ќе се усвои.

Координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска ги пофали, како што рече, носечките проекти во буџетот, кои ќе се реализираат целосно или делумно со средства од државниот буџет, а тоа се новата училишна зграда за ОУ „Кочо Рацин“, спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ Лескоец како и  за изградба на  ул „Гоце Делчев“.

„Дел од капиталните проекти повторно се одложуваат и се префрлаат во развојните програми, па така нема изградба на нова училишна зграда за ОУ Григор Прличев ниту ветуваната патека Охрид – Св Стефан. Но ги нема и оние 8,5 мил денари кои постоеја во нацрт буџетот за ново возило за ТППЕ. Беше најавено дека општината ќе ги обезбеди, но само за еден месец буџетот за пожарната се намали на 1,5 мил денари, што значи општината ќе бара други начини за обезбедување на пари за возилото за пожарната.“ – кажа Ангелоска.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека на секој советник и на локалната самоуправа и е важно буџетот да биде реализран онака како што е планиран.

„Оваа година сама по себе беше предизвикувачка и веројатно за првпат во историјата локалната самоуправа и секторите се сретнаа со еден ваков феномен, а тоа е  дополнителниот прилив на средства коишто колку е добро, зошто од денешен аспект гласаме нешто што значи историјата за Охрид, а тоа е во првите два месеци од следната година раздолжување на Охрид, има и негативна страна дека бевме во тотална блокада последните два месеци, а повеќе од тешко беше да се функционира од јуни наваму, затоа и беа потребни толку ребаланси.“ – кажа Пецаков.

Во врск со одложувањето на ветените капитални проекти, Пецаков кажа дека реализацијата на патеката Охрид-Св. Стефан, реконструкцијата на плоштадот Чинар и катната гаража чекаат одобренија за градба, а набавката на возилото за ТППЕ ќе биде преку средства од Бирото за регионален развој.

На седницата кон предлог буџетот за 2024 беа поднесени три амандмани.  Прифатен беше само еден, амандманот од советничката од СДСМ и Коалицијата, Живка Ангелоска со кој во Програмите  за активностите на Општина Охрид во областа на основното и средното образование се предвидуваат средства за обезбедување во училиштата. Во предлог програмите од образованието се додава ставка мониторинг и патролно обезбедување на училиштата и училишните дворови на територија на општината за која намена се предвидуваат средства во износ од 2,7мил денари за основните и  1,3 мил денари за средните училишта.

„ Сведоци сме на немили настани кои се случуваат во нашата земја и во странство и единставно да направиме обид да обезбедиме услови каде  што ќе биде спречена можноста за врсничко насилство, кражби и други слични настани кои може да се случат во образовните установи.“ – кажа ангелоска образложувајќи го амандманот.

Раководителот на Секторот за образование, Димитар Спасески кажа дека амандманот е прифатлив и е навистина потребен.

„Одлучивме да го прифатиме овој амандман и да го модифицираме, доколку се согласите. Да ги искористиме можностите на новата технологија на начин со којшто преку тендер би се ангажирала агенција за обезбедување која патролно би ги обезбедувала дел од основните училишта и сите средни училишта во општината. Да добијат систем за мониторинг надзор над училишните дворови и ходниците, секаде каде што законот дозволува видео надзор и дополнително сменоводителите во училиштата да добија тастер за повикување на обезбедување.

Не беше прифатен амандманот на советникот Бојан Михајловски од СДСМ за програмата за спорт и рекреација со кој се бара  одбележување на Светски ден на планината на иницијатива на Здружението Великамен. Општината има соработка со Великамен, а одбележување на денот на планината веќе е предвидено.Врз основа на повиците кои ги објавува општината Здружението може да аплицира и да ги добие бараните средства, кажа градоначалникот Пецаков. Не помина и амандманот од советникот Ванчо Костоски од ВМРО-НП во програмата за заштита на животната средина да се предвиди набавка на 5.000 канти  за примарна селекција на отпад од домаќинствата во износ од 6 мил. денари. Амандманот не се прифати бидејќи според објаснувањето од стручните служби, Општина Охрид е дел од регионалната програма за управување со отпад финансирана со заем од Европската банка за обнова и развој и швајцарската агенција за развој. Со програмата МЖСПП предвидува доделување на Општина Охрид 5 933 канти, 153 контејнери, 6 специјални камиони за собирање и транспорт на отпад, што би се реализирало до средина на следната година.

Советниците ги усвоија сите точки од дневниот ред кој беше дополнет и со предлог одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти.