Skip to main content

Ти Си Твојот Град

ОЈО Охрид води истражна постапка против две лица за реконструкцијата на куќата на ул „Димитар Влахов“

На локацијата не остана ништо од објектот со историско значење и препознатлива градба и фасада откако инвеститорот отстапувајќи од проектот за реконструкција изгради нов објект со поголем габарит кој нема ништо од автентичниот изглед кој требаше да се зачува според издаденото конзерваторско мислење.

Основното јавно обвинителство Охрид води истражна постапка за реконструкцијата на куќата на ул „Димитар Влахов“, за која ТВМ во рубриката ТиСиТвојотГрад објавуваше од почетокот на градежните зафати. Со истагата на обвинителството опфатени се две лица за бесправно градење.

„Основното јавно обвинителство Охрид оформи предмет и на 27 ноември поведе истражна постапка против две лица за кривично дело – Бесправно градење по чл.244- а став 1 од Кривичниот законик. Прибрана е писмена документација и извршено е градежно вештачење, а закажан е и распит на осомничените, по што ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката.“ – велат за ТВМ од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Случајот со куќата на ул. „Димитар Влахов“ ја револтира охридската јавност. Објектот не беше поединечно заштитено добро, но и покрај тоа, требаше да биде заштитен  бидејќи е во зона  на Заштитена споменична целина прогласена за културно наследство. Според Конзерваторското мислење од НУ Завод и Музеј Охрид таа требаше да биде препокриена со црвена ќерамида на постојната конструкција, да добие внатрешна и надворешна столарија во кафеава боја со дрвен финиш по урнек на постојната и санирана фасада со зачувување на автентичниот изглед и бела боја. 

Инвеститорот отстапи од Одобрението за реконструкција издадено од Општина Охрид, што беше констатирано од градежна инспекција. Во август  градилиштето беше затворено, а овластен градежен инспектор  донесе Решение за отстранување на нелегалните доградби на објектот.  Но инвеститорот ја отстрани жолтата лента и продолжи со градежни зафати, но не за отстранување на спорните доградби туку се отстрануваше оригиналната градба. На локацијата денес се издигнува нова зграда со поголем габарит, која нема ништо од изгледот на уникатниот објект.

Пред објектот остана само мермерната спомен плоча како потсетник на историскиот настан од 1941 година, кога на тоа место бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор.

Белата куќа на ул. Димитар Влахов не ја преживеа „реконструкцијата“ | Портал ТВМ (tvm.mk)

Инвеститорот има решение да ги отстрани доградбите на куќата на ул. Димитар Влахов | Портал ТВМ (tvm.mk)

Повторно активности во објектот на Ул. „Димитар Влахов“ | Портал ТВМ (tvm.mk)

Дали ќе исчезне уште една препознатлива градба во Охрид | Портал ТВМ (tvm.mk)