Пет бебиња се родија во Охрид на првиот ден од новата 2024 година
Новогодишен бејби бум во Охрид. На Одделението за гинекологија и акушерство денеска на свет дојдоа пет бебиња, три женски и две машки. Првото новороденче во новата година, родено во 01:54 мин е машко.
Традиционално, во посета на новороденчињата и среќните мајки беше градоначалникот на Охрид, кој во придружба на директорот на Општата болница Охрид Асен Шајн подели пригодни подароци. Оваа година ќе биде бериќетна за Општина Охрид и охриѓани, кажа Пецаков.
„ Тука сме традиционално да им честитаме и да дадеме една поддршка од Општина Охрид за мајките и новороденчињата. Секако дека ова е несекојдневна ситуацоја бидејќи имаме пет новородени бебиња, а Општина Охрид според правилникот доделува секогаш на првото новороденче 20 000 денари и пригодни подароци. Оваа година ќе доделиме ваучери од 10 000 денари и на останатите. Им посакуваме здравје и успех.“ – рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Првороденото бебе во Охрид е трета рожба на 27 годишната мајка која веќе има две ќерки Директорот на охридската болница , д-р Асен Шајн им честита на родителите и им посака среќа и добро здравје.
„Посакувам оваа година да биде исполнета со здравје, позитивна енергија, мир и спокој да си имаат во својата фамилија сите од новороденчињата, да живеат во среќно и безгрижно детство и на сите им посакувам Новата година да донесе нови успеси, но пред се здравје. – додаде Шајн.
На задоволство на целиот тим имавме плодно дежурство, вели Горан Маркоски доктор гинеколог кој ги изврши породувањата.
„ Првиот ден од новата година нашето Одделение донесе огромно задоволство, дури пет новородени бебиња, од кои три женски и две машки. Три од нив се породени со царски рез, додека две се породени спонтано. Верувам дека овој почеток ќе донесе бериќет за целиот наш град, за сите наши граѓани.“ – додаде Маркоски.
Началничката на Одделение за гинекологија и акушерство, д-р Катерина Попоска се заблагодари на Градоначалникот на Охрид и менаџментот на болницата за посетата и подароците
„Благодариме на дежурниот тим кој неуморно работеше цела ноќ и ни донесена свет здрави и прави бебиња. Оваа година ќе се потрудиме во нашата Болница да воведеме нови интервенции и ќе бидеме засилени со уште двајца специјалисти кои се враќаат од специјализација.“ – додаде Попоска.
Изминатата година на Одделението се родиле 503 бебиња од кои повеќето се женски околу 320. Се надеваме дека оваа година бројката ќе се зголеми и ќе имаме повеќе охриѓанчиња, кажа д-р Попоска.