Езерото ќе ја селектира новата алга
Новиот вид на алга во Охридското езеро на нозе ги крена невладините организации.
Спортските риболовци стравуваат од можност на нов атак кон еколошкиот систем на езерото. Научниците релаксирани кон ваквите природни појави, велат селекцијата на езерото ќе си го направи своето.
Уникатното Охридско езеро тоне во лавиринтот на науката и научните истражувања. Ќе се смени животинскиот и растителниот свет во Охридското езеро, стравуваат риболовците. Деновиве тие се преокупирани со грижа кон охридското езеро. Алармираат до надлежните бидејќи појавата на новиот вид на алга ја сметаат за сериозна реакција на езерото од некоректното однесување на концесионерите на плажите. Претседателот на СРД Св. „Апостол Петар“ Радован Димитриески вели дека причина за промените е неавтохтоната песок која концесионерите ја носат од реки во Македонија и Грција само за задоволување на личните интереси, неводејќи грижа за природата и природните реткости.
Експертите од Хидробиолошки завод Охрид, велат дека нема потреба од сензација, бидејќи новиот вид на алга нималку не треба да се разбере како алармантна состојба за еко системот во езерото.
„Се работи за познат вид на алга која микроскопски е откриена во 2008 година“ вели Др. Сузана Патчева професор по биолошки науки.
Таа додава дека има многу причини за појава на истата и клучниот момент за појава и исчезнување на некој вид алга со сигурност неможе да се одреди, треба да помине период на нејзино истражување.Претседателот на комисијата за информирање на спортските риболовци Борис Ѓоргиски, изјави дека повеќе од очигледно е дека на езерото му се случуваат некои работи.
„Дали новиот вид алга е микроскопски или макроскопски во секој случај тоа е прашање кое заслужува внимание“, додава тој.
Риболовците велат дека имаат врзани раце и ништо неможат да превземат освен да алармираат до министерството за Животна средина и министерството за земјоделие. Штетата е направена велат риболовците, но покренувањето на овој апел е со цел законски да се регулира носењето на песок, посебно во струшкиот дел кој деновиве е актуелен со издавање на плажите под концесија. Да не се дозволи езерото да биде обиколено со еколошка пропаст од сите страни.
{loadposition content9}