Реконструкцијата на дворот на гимназијата не оди според планираното, но работите ќе се интензивираат
Дали учениците од гимназијата Св „Климент Охридски“ второто полугодие ќе го дочекаат со уреден училиштен двор и ќе може достоинствено да влезат во училишната зграда, побара одговор опозицијата во градскиот Совет на последната седница. Градоначалникот Кирил Пецаков признава дека работите не се одвиваат со посакуваната брзина, поради низа причини, но додава дека најважно е да се заврши што е можно побрзо.
„Факт е дека најтешки работи се земјените, дури и за изведувачите, а кои се тешко видливи како поставувањето на водоводна линија, атмосферска канализација, каблите дренажата која можеби ќе биде најважниот дел од самиот проект за да го добие финалниот лик. Не сум екперт, но дали можеше одредени работи да се завршат побрзо, да, можеше. Но некогаш зависи од временски улови, некогаш од изведувачот. Генерално можеше побрзо да се заврши. Работите ќе се интензивираат и ќе привршат во следните неколку месеци.“ – вели Пецаков.
Во врска со продолжување со реконструкцијата на тротоарот на улицата „Димитар Влахов“, градоначалникот кажа дека врз динамиката, начинот и планот на работите влијаело тоа што на половина на 2023 година од средствата предвидени во Програмата за уредување на градежно земјиште биле извршени повеќе од 60 милиони денари. Уредувањето на тротоарот на „Димитар Влахов“ но и на други улици во централното градско подрачје ќе продолжи на новиот начин со користење на штампан бетон наместо бекатон плочки.
„Продолжуваме со работа, нема да застанеме. Улиците во центарот, тука мислам на „Димитар Влахов“ и „Партизанска“ ќе добијат нов лик на начинот на кој во моментов се уредуваат тротоарите. Слично на нив, нов лик ќе добие и улицата „7 ми Ноември“ која во моментов се реконструира. “ – кажа Пецаков.
Градоначалникот посочи дека општината ќе го искористи секој повик од министерствата и Владата, и од сите институции за да извлече средства за реализација на проекти. Додаде дека првпат во историјата се случува општината да има планиран пренесен приход од скоро 3,5 милиони евра кои ќе се искористат и за раздолжување и за капитални проекти.