На 60 семејства во социјален ризик од Охрид и Дебрца денеска им беа поделени хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена во пресрет на големиот христијански празник Божиќ. Хуманитарната акција ја спроведоа организаторот на манифестацијата „Зимска бајка“, Охридњуз, во соработка со Лајонс клубовите Лихнидос, Охрид, Деница и Десарети, компаниите АСП ПАК и Топ маркет, сите како високо хумани луѓе и општествено одговорни компании во соработка со Црвен Крст Охрид.
„Празниците се моменти на среќа, моменти кои ги обединуваат семејствата, моменти кои треба да не прават сите среќни. Токму тоа беше и идејата на организацијата на „Зимска бајка“ заедно со соработниците Лајонс клубовите и општетствено одговорните компании, да обезбедиме во рамки на можностите со дел од средствата од влезниците кои беа за хуманитарни цели од манифестацијата, но и со донации од компаниите, хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид. Се разбира дека не можеме да ги опфатиме сите, но веројатно ќе поттикнеме и други чинители да го направат истото, а се со цел сите да бидат среќни за Божиќните празници, вели организаторот на „Зимска бајка”, Горан Момироски.
Дел од хуманитарните пакети се поделија денес на семејставата, додека останатите од страна на волонтерите на Црвен Крст ќе им бидат доставени на семејства во нивните домови поради неможност сами да ги подигнат.
Црвен крст Охрид во текот на целата година обезбедува помош во храна, лекови, облека, услуги за околу 650 семејства во социјален ризик на територијата на Охрид и Дебрца. Секогаш се добредојдени ваквите хуманитарни акции од општествено одговорни поединици и компании, бидејќи потребата од помош е секогаш голема, вели претседателот на охридскиот Црвен крст Сашо Точков.
„Голема благодарност до сите кои учествуваа во оваа акција пред Божиќните празници и апел до сите наши хумани граѓани и општествено одговорни компании кои можат да се вклучат да помогнат на навистина големиот број на социјално загрозени семејства кои живеат овде и кои се повеќе имаат проблеми со опстанокот, вели Точков.
Хуманитарната димензија „Зимска бајка“ е традиционална за секое издание на манифестацијата. Со средства од влезниците се обезбедуваат хуманитарни пакети или помош на граѓани од ранливите категории, онаму каде што е најпотребно во соработка со социјалните служби и Црвен крст Охрид.