Во мирување одлуката за штрајк на контролорите на летање
Штрајкот, што за денеска го најави Струковиот синдикат на контролори на летање, ставен во мирување. Ова доаѓа по одлуката на владата за смени на раководните позиции на М-НАВ, што беше главно барање на синдикатот.
„Владата на седница даде насока на надзорниот одбор да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ и на нивно место да бидат именувани Хекуран Асани, односно Милан Кораќ.“ – соопшти владината прес-служба по вчерашната седница на Владата.
Првично Владата даде насоки за нов директор на М-НАВ да биде именуван Илир Мехмеди, но експресно ја промени одлуката бидејќи истиот не ги исполнувал условите.
Владата на Агенцијата за цивилно воздухопловство и препорачала да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај, а Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на „М-НАВ“, се вели во владиното соопштение.
Се очекува Надзорниот одбор во М-НАВ да ги спроведе насоките дадени од Владата со што ќе се официјализира смената на раководството во националниот давател за воздухопловни услуги.