Курајчани, верни на василичарската традиција, ве канат на 25тиот Курајчки карневал
Куратица се подготвува за прослава на Василица со традиционалниот карневал кој годинава се одржува по 25-ти пат. Курајчани, верни на традицијата, ќе ги оживеаат старите василичарки обреди и ќе го збогатат празнувањето со богата софра, музика и веселба.
Карневалот започнува на 13 ти јануари околу 18 часот кога зетот, невестата, бајачот, валегачот, музикантите и околу 300 учесници се собираат околу василичарскиот оган, а потоа маскираните василичари одат од куќа до куќа, посетувајќи го секое семејство во Куратица каде се дарувани со традиционална храна и пијалоци.
„Во секоја куќа влегуваат василичарите, ѓаволот, невестата и зетот. Ѓаволот ги претставува лошите сили во куќата, а зетот и невестата треба да ја донесат добрината и убавината во куќата. Сето тоа трае до раните утрински часови и ќе бидат посетени сите куќи.“ – вели Горан Ангелоски, Претседател на МЗ Куратица.
Карневалската курајчка традиција ќе продолжи на 14-ти јануари, во попладневните часови со подготовка и делење на традиционалната храна варејнца.
Официјалниот дел од карневалот ќе започне во 20 часот со дефилето на маски на кое годинава ќе прв пат ќе учествува и група од Воден, Грција и општонародна веселба. Годинава во музичкиот дел ќе настапат групата Оскар и поп-фолк пејачката Анета Љумаковска. Како и секоја година ќе бидат избрани најдобрите маски, а прогласувањето на победниците ќе биде проследено со огномет. Карневалското лудило продолжува и после полноќ, со песни и ора на сред село.
Убавото планинско село, кое станува се попримамливо за гости и авантуристи, со организација на Курајчкиот карневал ја негува таа стара традиција и воедно ја збогатува зимската туристичка понуда.
„Со оглед на тоа што сме мало село со околу 200 жители интересот за карневалот е голем и сите гости што ќе дојдат гледаат една традиција без глума, сценарио и режија, гледаат еден нормален живот во едно типично планинско македонско село и едноставно се воодушевени.“ – вели Ангелоски.
Постарите жители на Куратица велат дека василичарските обичаи и маскирањето се стари колку што е старо и селото. Според некои кажувања маскирањето за овој голем празник посветен на Свети Василиј датира од далечната 1575 година.