Уставен суд: Долговите кон извршителите застаруваат
Остануваат во примена законските измени за облигациони односи и извршување, Уставниот суд не поведе постапка за да ги оценува.
Ова значи дека не се прифатени наводите на подносителите од 15 иницијативи кои за овој предмет беа поднесени до Судот.
Според Уставниот суд неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието предвидел да се ограничи висината на казнената камата, кога ќе го достигне износот на главнината.
Судот смета дека оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки кои се уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки кои пред влегувањето во сила на законот завршиле.
Меѓу другото Судот оцени дека не е повреден принципот на поделба на власта, како што се тврди во иницијативите.
Според Уставниот суд неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека должникот е доведен во попривилигирана положба во однос на доверителот, бидејќи членот 1 не дефинира за кого се однесува, туку напротив јасно и прецизно произлегува дека се однесува на сите субјекти на пазарот подеднакво.
Овој предмет е работен темелно со анализа на уставно-судската пракса и обезбедено е мислење преку Форумот на Венецијанската комисија, што значи прибрани се искуствата на повеќе земји меѓу кои Словенија, Хрватска, Австрија, Босна и Херцеговина, Латвија, Полска, Шведска, Данска итн.
Со измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето, од јули минатата година, кои пропишаа застарување на извршувањата, се овозможи граѓаните да бараат деблокирање на сметките ако се поминати 10 години од решенијата од извршител, да бараат намалување на каматите оти тие не смее да го надминат износот на основниот долг и други олеснувања.