Црвен крст Охрид со препораки и активности за безбедно одбележување на Богојавление-Водици и Денот на рибарите
Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната дејност во одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите.
На 18.01.2024 (четврток) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.
Од Црвен Крст апелираат и препорачуваат до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 8 oC.
Традиционалната крводарителска акција „Водици 2024“ под мотото „ЕДНА КАМПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СЕ’“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2024 (петок) од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.
“Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.“ – велат од организацијата.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2024 (петок), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и со медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.