Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, си доделил сам себе 15 000 000 денари општински пари, односно пари на охриѓани, реагираат од охридскиот огранок на Левица. Финансиската поддршка доделена од Општина Охрид на Градскиот ракометен клуб Охрид во износ од 250 илјади евра спорна и за СДСМ бидејќи како основач на клубот се јавува градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
– Имено, Пецаков се јавува како 100 процентен сопственик, односно 250 акции во Градски Ракометен Клуб Охрид АД Охрид 2013 Охрид со ЕМБС 6723136. Така бившиот ракометар Пецаков, а сегашен градоначалник си ги пикнал рачињата во медот и заедно со овластеното лице Ристо Китески, братучед на секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, за чиј непотизам Левица Охрид веќе во неколку наврати ја информираше охридската јавност, неизвршните членови, новинарот Горан Момироски, Виктор Мизо ( поранешен прв човек на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони ДТИРЗ), Наум Бабачев и Славчо Ристески, близок соработник на Пецаков, инаку вработен во ЈП Комуналец и директор на ГРК Охрид си добиле од Општина Охрид дури 15 000 000 денари и тоа: 15 000 000 денари директна поддршка; 600 000 денари за меморијален турнир „Крсте Андоновски Усташ”. Да напоменеме дека спортските клубови се непрофитни здруженија кои се финансираат од членарина, донации и сл. – се вели во соопштението од партијата Левица,
И од СДСМ излегоа со реакција. Пецаков доделил пари на клуб во којшто е основач, нов скандал со градоначалниците на ДПМНЕ?!- велат оттаму.
– Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, доделил пари на ракометен клуб во кој самиот тој е основач. Над 250 илјади евра се исплатени на ГРК Охрид од општина Охрид како директна поддршка. Овие суми ги потврдува и Службениот гласник на општина Охрид број 14 од 28.12.2023 година. Сопственик на ГРК Охрид АД Охрид е РК Охрид 2013 каде основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков. Значи Пецаков преку општината индиректно си префрла пари на самиот себе си!? Директор на ГРК Охрид е Славчо Ристески, десна рака на градоначалникот Пецаков, воедно вработен во ЈП Охридски комуналец. Дали е ова случај на судир на интереси треба да утврди Државната комисија за спречување корупција. – се вели во соопштението од СДСМ.
И Левица и СДСМ бараат надлежно обинителство да утврди дали е прекршен кривичниот законик бидејќи градоначалникот доделил средства на клуб којшто е токму тој основач.