Родителите од Струга бараат да се реши статусот на вработените во детските градинки
Силна поддршка од родителите за негувателките и воспитувачките од струшките градинки, кои со години работат за надомест од 10 000 денари, без пензиско и здравствено осигурување. Велат секој заслужува достоинствени услови за работа. Родителите се загрижени, доколку дваесеттината ангажирани со договори на дело во струшките градинки од следниот месец не одат на работа, ќе нема кој да се грижи за нивните деца.
„Тука сме денес и ние родителите да ја дадеме нашата поддршка за негователките кои максимално се грижат за нашите дечиња, максимално се професионални и жално е што навистина не се содветно платени за својата работа. Од друга страна револт изразуваме и до општината и до надлежните кои што немаат слух да го решат овој проблем што се провлекува низ годиниве. Ние сме загрижени што ќе се случи на 01 февруар ако дозволат сите тие дваесеттина негователки ја напуштат градинката кој ке ни ги згрижи нашите деца нас“ , вели Ивана Тодороска родител од Струга.
„ Навистина мора да се реши тоа прашање нема децата кој да ги згрижи и срамота е да работат за плата од 5000 денари. 0020 Секако дека сме загрижени тоа не е само проблем на вработените во градинката туку е проблем на секој родител на секое дете кое ја посетува градинката, бидејќи ако нема кој да ги згрижи децата ние ќе треба отказ од работа да дадеме.“, вели Маја Мојсова родител од Струга.
Негувателките и воспитувачките кои со години работат со договори на дело, некои и повеќе од една деценија, најавија дека доколку не добијат редовно вработување или минимална плата со здравствено и пензиско осигурување од 01 февруари нема да одат на работа.
„Како вработени ако немаме решенија бараме минимална плата и здравствено осигурување, инаку во спротивно од 01 февруари ниедна од нас договорните нема да се врати на работа плус во објектот пеперутка само 4 негувателки се со решение а јаслениот дел воопшто не може да се отвори“, вели Даниела Јуловска негувателка ангажирана со договор во градинка Струга.
Поддршка стигна и од Платформата за родова еднаквост, од таму изразуваат силна загриженост.
Велат, воспитувачките и негувателките во градинките се екстремно важни за здрав раст и развој на најмладите во општеството. И покрај непроценливата грижа и љубов што ја даваат, разочарувачки и засрамувачки е да се види дека нивните плати се меѓу најниските во земјава.
Во струшките градинки се згрижуваат дневно над 500 деца, градот ќе се соочи со голем предизвик од 01 февруари, поради недостиг на персонал децата ќе треба да се враќаат дома.
Новинар Соња Рилковска