Skip to main content

131 година од смртта на Григор Прличев

Деновиве во Охрид, со низа активности се одбележува 131 годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Прличев.
 |  инфодеск  | 
Глигор Прличев

На 6 февруари во 1893 година во Охрид почина Григор Прличев, еден од најпознатите македонски писатели од 19 век.

Меѓу најпознатите негови остварувања се поемите “Сердарот” и “Скендербег”, и познатото дело “Автобиографија”.

Со поемата “Сердарот”, за која на поетскиот конкурс во Атина доби Ловоров венец, ја издигна македонската литература меѓу најпознатите книжевни остварувања на Балканот во своето време.

Роден е во Охрид, на 30 јануари 1830 година.

Деновиве во Охрид, со низа активности се одбележува 131 годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Прличев.

Утрово пред гробот на Прличев се одржа панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев во близина на црквата Св. Богородица –Перивлепта, а делегации положија цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во истоименото основно училиште.

Во Спомен – куќата на Григор Прличев се одржува настанот Стихови и звуци за Прличев на кој ќе биде промовирана книгата „ОХРИДСКИ ПОЕТИ “ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски а промотор е Паско Кузман. Ќе се обрати градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков кој ќе врачи два примерока од книгата „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, отпечатена во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид. Ќе бидат врачени и наградите на провонаградените литературни творби на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“ по што учениците ќе ги читаат наградените творби.

Во охридската библиотека ќе се одржи традиционалната „Прличева визита“, а ќе биде прогласена и најдобрата беседа за 2023 година.

Чествувањата ќе бидат заокружени вечерва во 19 часот со свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ “Григор Прличев“ во Центарот за култура.