Мониторинг мисијата на Унеско ќе проверува на терен колку се спроведуваат препораките
Мониторинг мисијата на Унеско овој месец доаѓа во Охридскиот регион. Ќе се врши увид до каде е спроведувањето на препораките, дали регионот ќе го сочува статусот на Светско природно и културно наследство.. Активистите се се погласни, велат ниту една од 12 те препораки не е исполнета.
Според нив расте бројот на дивоградби, а и натаму има забележителна урбанизација на крајбрежниот појас, особено во струшкиот дел.
„Никакво поместување од мртва точка нема во однос на заштитата на природното и културното налседство. Се поднесоа извештаи кои не кореспондираат со реалната состојба. Единствено ние граѓаните организирани преку граѓански организации реагираме за овие ситуации ама нас никој не не слуша, сите ги слушаат националната комисија на Унеско, министерството за култура, министерство за животна средина а реалната ситуација на терен од ден во ден се повеќе се влошува”, вели Никола Киселинов еколог.
Охрид не е музеј, но е светско наследство и треба да се развива во строго утврдени рамки, смета научната фела, оттаму повикуваат на поголема свесност и граѓаните да се вклучат во заштитата.
„Она што сакам да го истакнам е дека институциите секако ја имаат својата улога, но и ние како граѓани. Ние како граѓани треба да знаеме дека културното наследство е предмет на заштита во еден поширок контекст. Секое наше делување, било да е тоа економско поврзано со целокупната наша активност мора да биде во духот на заштитата”, вели професорот по културно наследство на ФТУ Охрид Сашо Коруноски.
На Конференција на Унеско во Париз на крајот од минатата година заклучокот на Комитетот беше дека е забележан ограничен напредок во однос на спроведувањето на препораките.
Откако ќе се изврши увид на состојбите на Охридскиот регион, експертите на Унеско Е треба да донесат одлука дали Охридскиот регион ќе се најде на листата загрозено светско наследство.
Новинар Соња Рилковска