Ваучери за одмор од по 300 евра за семејства со ниски приходи
3 550 ваучери во вредност од по 18.000 ден. за одмор во домашни туристички капацитети за работници со ниски примања, ќе додели годинава Министерството за економија. Јавниот повик ќе биде објавен во понеделник, на 12 февруари, а право на учество имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари.
За оваа мерка, согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари.
„Потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб страницата на Министерството за економија. Потврдата ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември 2024 година.“ -истакна министерот Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Денеска е краен рок за аплицирање за хотелите кои сакаат да примаат гости со ваучери за одмор. Оваа мерка во минатото даде видливи резултати. Бројот на домашни туристи во континуитет се зголемува во последните години, а бројот на ноќевања веќе и го надмина бројот на странски туристи, истакна Бектеши.
„Главната цел на оваа мерка за која и изминатите години имаше голем интерес, е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.“ – кажа Бектеши.
За учество на јавниот повик заинтересираните граѓани до Министерството за економија треба да достават барање кое ќе може да го најдат на веб страницата или во Архивата на Министерството, а деталите за потребните документи кои ќе треба да се приложат кон барањето ќе бидат објавени во јавниот повик. Барањата со комплетна документација се доставуваат до Архивата на Министерството за економија најдоцна до 29 февруари.