Предлог законот за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природата оди во Собрание
Владата го усвои текстот на предлог ЗАКОН ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА „ОХРИДСКО ЕЗЕРО” ЗА ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ ВО КАТЕГОРИЈА III – СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА и истиот ќе го достави во Собранието на РСМ за негово донесување.
Охридското Езеро се прогласува за Споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки.
Со Споменикот на природата – Охридско Езеро ќе управува Јавното претпријатие Колекторски систем.
Планот за управување со Споменикот на природата – Охридско Езеро ќе треба да се донесе најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Со прогласување на споменикот на природата – Охридско Езеро се овозможува: заштита и зачувување на природната состојба на Охридското езеро преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и Европско значење и заштита на другите природните вредности; спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите; создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност; одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.
Од Владата изразија благодарност до Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) во Виена и Меѓународната унија за заштита на природа (IUCN), Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) како и до сите национални институции и експерти за поддршката на процесот.