На 74 годишна возраст, утрово ненадејно почина легендата на маратонското пливање, еден од македонските пливачки шампиони, Насте Јончески.
Јончески беше професионален маратонски пливач, вистинска спортска легенда на Охрид кого некои медиуми своевремено го нарекоа Езерскиот волк. Тој беше еден од врвните спортисти кои излегоа од школата на Леко Радиќ.
Насте Јончески е роден на 2 март 1949 година во Подмоље. Љубовта кон пливањето се родила на негова 10 годишна возраст кога прв пат присуствувал на Охридскиот пливачки маратон, по што почнал да тренира во ПК „Охридски бранови“. Како член на Австралиската пливачка федерација во 70-тите години на минатиот век учествувал на бројни светски натпревари. Учествувал во маратони во Јужна Африка, Канада, Австралија. Јончески во 1976 година ја препливал патеката Св Наум-Струга-Охрид во должина од 48км.
Во пливачката кариера добил многу награди и признанија меѓу кои од Македонската пливачка федерација и од Општина Охрид во 2022 година за заслуги и придонес во организацијата на Охридскиот пливачки маратон.
Насте Јончески и во седмата деценија од животот пливаше на кратки пливачки патеки во регионот, во Бугарија, Србија, БиХ.
Посмртните останки утре ќе бидат изложени во црквата „Св Константин и Елена„ во Подмоље од 12 до 12:30 часот