Пецаков: Одблокирана е сметката на ЈП „Нискоградба„ – Охрид
Од денеска ЈП „Нискоградба“ Охрид е со одблокирана сметка и исто како општина Охрид веќе нема долгови и ќе може нормално да функционира и да врши инвестиции, кажа градоначалникот Кирил Пецаков во Горно Лакочереј за време на увидот на градежни активности на капитален проект.
„ Тој процес некаде во 2011 започна кога се формира за прв пат јавното претпријатие, 2 години го водеше локална самоуправа од СДСМ, во 2013 година значи за само 2 години го презедовме како локална самоуправа со еден милион и двеста илјади евра долг и веќе од денешен аспект после 2 и пол години, исто, на истиот принцип како што ја раздолживме општината, го раздолжуваме односно го одблокираме јавното претпријатие „Нискоградба“ исто така голем момент.‘ – изјави Пецаков.
Пецаков посочи дека во текот на изминатите две години биле инвестирани 15 милиони денари за механизација за ЈП „Нискоградба“. Истакна дека се работи на унапредување на секое општинско јавно претпријатие што ќе се одрази врз квалитетот на услугите за граѓаните.
„Дополнително на одблокирањето на јавното претпријатие „Нискоградба“ го префрламе во нови простории, а постоечките сега ќе биде центар на механизацијата на Комуналец, Водовод и Нискоградба, зборувам на улицата Железничка каде што е седиштето на јавно претпријатие Нискоградба.“ – кажа градоначалникот.
Пецаков најави дека ваквиот принцип на работа ќе продолжи и со останатите јавни претпријатија за постигнување позитивна финансиска состојба која што ќе дозволи инвестиции во подобрување на работењето и услугите.