Skip to main content

Туристички агенции

Поради доцнењето на пасошите се откажуваат аранжмани

Поради доцнењето на пасошите се откажуваат закажани туристички и деловни патувања во странство, пропаѓаат купени авио билети и платено сместување. Финансиски штети  врз грбот на граѓаните и туристичките агенции. 
 |  инфодеск  | 

Десeтици откажани аранжмани, пропаднати авио билети и платено сместување во странство. Промената на патните исправи доведе до откажување голем број закажани туристички и деловни  патувања. Голем број граѓани кои  уште во декември го започнале процесот на промена на документи, се уште немаат пасоши.

Од туристичките агенции во Охрид велат финансиски импликации имаат и граѓаните и агенциите.

„Имаме проблем во работењето заради промената на новите документи со новото име. Заради доцнењето на пасошите и личните карти имаме навистина проблеми во работењето. Закажани аранжмани, патниците не можат благовремено да ги добијат своите патни исправи и тука се создаваат доста проблеми во работењето” , вели Загорка Георгиеска туристички работник од Охрид.

Туристичките агенции стравуваат дека поради доцнењето на пасошите, ќе има откажување и на редовните екскурзии на учениците.

„Почнуваат средношколкските екскурзии кои што учениците со нетрпение ги очекуваат но со овој тренд ако се продолжи ќе се соочиме со проблеми , ќе има ученици кои што нема да успеат да извадат пасоши и замислете какво ќе биде чувството некое дете да оди на ексурзија а некое да не оди. Ќе имаме доста непријатни ситуации за децата а и за нас како туристички агенции бидејки ние однапред плаќаме и хотели и останати услуги”, вели Јаким Маленко туристички работник од Охрид.

Од туристичките агенции велат трпат сериозни загуби, бидејки  се соочуваат и со откажување на аранжманите за 8 ми март и за Велигденските празници, поради тоа што  граѓаните не знаат дали ќе ги добијат новите патни исправи.

Новинар Соња Рилковска