Никој сè уште не ги собрал потребните 10000 потписи за претседателска кандидатура
Во тек е собирање потписи на кандидатите за претседател на претстојните избори. Вкупно единаесет подносители на кандидатури за претседател на државата се во трка да собират по 10 илјади граѓански потписи за да може да настапат на претстојните седми избори за претседател на државата закажани за 24 април.
Собирањето на потписи започна на 23 февруари и досега ниту еден од кандидатите ги нема собрано потписите кои им се потребни на вонпарламентарните и партиите кои имаат помалку од 30 пратеници во Собранието за да номинираат свој претседателски кандидат.
Најмногу потписи има кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, кој до вчеравечер собрал 8 560 потписи, според последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија заклучно со 25 февруари до 20 часот.
Следен по број на собрани потписи е кандидатот на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, собрал 5 923 потписи.
После него со собрани 4 478 потписи е претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска.
Од почетокот на собирањето на потписите, до вчера до 20 часот, вкупно 24 830 граѓани се потпишале за некој од кандидатите.
Согласно роковникот на Државната изборна комисија собирањето потписи ќе трае до 8 март до 24:00 часот.
За време на собирањето на потписите Подрачните одделенија и канцеларии на Државна изборна комисија, ќе работат секој ден во наведениот период, непрекинато во периодот од 08:00 часот до 20:00 часот и последниот ден, односно 08 март до 24:00 часот.
Подрачно одделение на ДИК во Охрид, кое е надлежно за општина Охрид и Дебарца се наоѓа во просториите на Општина Охрид.
Подрачно одделение на ДИК во Струга е надлежно за општина Струга и Вевчани. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори