Расте интересот за купување недвижности на брегот на Охридското Езеро
Умерената урбанизација согласно препораките на Унеско и натаму ги поскапува цените на недвижностите на брегот на Охридското Езеро. Новите станбени објекти се со помал габарит и катност и во централното градско подрачје, но и на периферијата.
Цените на становите на брегот на Охридското езеро достигнаа 2000 евра, полуксузните апартмани и по 2800 евра за квадрат. Според добрите познавачи поради намалената понуда, цените на недвижностите и натаму ќе растат.
„Состојбата на пазарот на недвижности е континуирана, активна и динамична. Имаме постојано благ пораст на побарувачката, односно интересот за купување на недвижности особено на станови и апартмани во Охрид. Од друга страна имаме и постојано инетерес за инвестирање и градење во Охрид”, вели Наташа Спасеска агент за недвижности.
И покрај тоа што цените растат, расте и интересот за недвижности на брегот на Охридското Езеро. Најбарани се малите викенд станови и апартмани.
„Имаме најава за некои нови градби на атрактивни локации таму цените ќе бидат над 3000 евра. Најбарани и понатаму секако остануваат викенд становите за задоволување на туристички потреби за клиенти кои не се од Охрид се од други делови на Македонија и надвор од Македонија. Или како инвестиција за станоиздавање”, додава Спасека.
Ако во минатото се градеа станбени објекти и по седум, осум ката сега највисоките дозволени објекти надвор од централното јадро согласно Планот за управување со светското културно наследство може да бидат најмногу П+5 ката.
Новинар Соња Рилковска