Во Охрид ќе се увезува работна сила од азиските земји
Во Охрид ќе се увезува работна сила од Непал, Индија и Филипини. Соочени со недостиг на кадар во хотелско – угостителксиот сектор, оваа летна сезона се очекува стотици работници од азиските земји да го заменат домашниот квалификуван кадар, кој последниве години масовно заминува во Хрватска или Германија.
Според експертите, проблемот е во тоа што години наназад не се водело грижа за вработените во овој сектор, поголемиот дел биле само сезонски ангажирани, со ниски месечни примања.
„Еден дел заминаа во Германија, иселенички со работна виза со бугарски пасош, а другиот дел ги зеде Хрватска. Јас бев буквално сведок каде ланската година многу менаџери дирекно ме контактираа и одеа од објект во угостителски објект гледаа кои се добри келнери и шанкери и на лице место им нудеа плата од 1200 до 1400 евра“, вели Ангела Паскуале професорка на ФТУ.
На еден увезен работник му се нуди плата од 500 евра, но се обезбедува и сместување, храна, осигурување и агециските трошоци за неговото доаѓање во земјава, кои чинат околу 600 евра по лице. Според експертите увозот нема да го реши проблемот, менаџерите мора да понудат подобри плати и услови надомашните работници.
„Имате личност која не ви го познава јазикот, поднебјето, нема да го ставите во прва линија не знаете каква култура поседуваат велат добри се луѓето од Непал, меѓутоа сепак се работи за друга култура на луѓе. Индијците беа договорени за плата од 500 евра меѓутоа откажаа бидејќи им е мала плата и не прифатија. Ако одите со 600 – 700 евра со храна и спиење тогаш зошто не ги задржувате домашните“, додава професорката Ангела Паскуале.
Хотелиерите, велат имаат отворени огласи за вработување, но никој не се јавува. Принудени се недостигот да го пополнуваат со увоз, воедно бараат државата да ја зголеми квотата и да се поедностават процедурите.
Новинар Соња Рилковска