Овоштарите стравуваат за пласманот на црешата и јаболкото чии насади во Охридскиот регион се зголемуваат. Последниве години се појави проблем со откупот бидејќи и самите откупувачи имаат проблеми со извозот, вели земјоделецот Ванчо Стојаноски. 95 % од бербата на црешата и јаболкото се извезуваа на рускиот пазар, но состојбата драстично се промени поради санкциите кои државата ги воведеме кон Русија.
„Мака мачат сега нашите извезувачи, посебно од ресенскиот крај, тие ги откупуваат овие овошни култури јаболкото и црешата и од охридскиот регион. Веќе драстично се почувствува минатата година кога откупот одеше од шлепер на шлепер без да се знае дали следниот ден ќе продолжи. Но се надеваме дека ќе се најдат сили и начини да се пробијат овие бариери и една паметна држава мора да пронајде начини и канали , во овој случај преку Србија.“ – вели Стојаноски.
Овоштарите покрај со пласманот на родот имаат дополнителен проблем со откупната цена. Минатата година откупот на црешата започна по цена од 90-100ден за килограм за по неколку дена да се намали на 60 ден. За тоа виновни сме и самите одгледувачи на цреша бидејќи не сме доволно организирани за да седнеме со откупувачите и да формираме една стабилна цена, вели Стојаноски. Додава дека годинава под цена од 110 -120 ден ќе се доведе во прашање рентабилноста на производството. Порачува земјоделците да се организираат во задруги со цел да се зголеми квантитетот и квалитетот на производот , но и да се постигне повисока откупна цена.
„ Субвенционирањето оди редовно. Би апелирал до градинарите и воопшто сите земјоделци да се организираат во задруги бидејќи така и субвенциите се поголеми и многу полесно се пласира производот и се намалуваат производните трошоци бидејќи има можност да се набавува на големо ѓубрива, препарати за прскање. Државата на задруги дава субвенции до 80% од опремата и задругите помагаат во едукација на земјоделците што навистина ни недостасува. “ – вели Стојаноски.
Охридскиот регион со своите специфични климатски услови дава посебен вкус на овошките, посебно јаболката и црешите. Последните 15 тина години се шират насадите со две сорти кои посебно се издвојуваат по својот квалитет, познатата охридска долгошишка и охридска црна. Со одгледувањето на цреши се занимаваат релативно млади луѓе бидејќи е попрофитабилна од останатите култури.