Граничниот премин Св Наум и аеродромот „Св Апостол Павле„ добија нов видео надзор
Нов систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблички е веќе воспоставен на граничните премини Дојран, Свети Наум, Табановце, железничка станица Гевгелија и аеродромот Охрид, а во следниот период ќе се воспостави и на останатите 14 гранични премини низ државата.
Системот за видео надзор се состои од 350 различни типови на дигитални камери со аналитички функции, систем за автоматско препознавање на регистарски таблици и централен систем за складирање на податоците. Системот во секое време информира за фреквенцијата на граничните премини, кое возило со која регистарска табличка, боја и марка на возило влегло во земјава и како се движело низ граничните премини во одреден период, а исто така алармира и доколку некое лице се движи во недозволени области околу премините. Информациите од системот ќе се складираат во податочен склад и истите ќе се користат за напредни анализи на податоци, за анализа на ризик, како и за истрагите што ги води Управата со цел сузбивање на криминалот и корупцијата.
Министерството за транспорт и врски го набави овој информатички систем како дел од Проектот за унапредување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. За реализација на системот се обезбедени средства во висина од околу еден милион евра преку Проектот на Светска банка.