Од денеска продолжува реконструкцијата на сидриштето кај центарот за обука на вода на АРМ
Oд оваа недела продолжува реконструкцијата на старата и дотраена дрвена платформа, во делот кој се користи за паркирање на пловни објекти и изградбата на потпорниот ѕид.
Договорот за реконструкција на сидриштето во каналот Студенчишта кај центарот за обука на вода на АРМ Министерството за одбрана со избраната фирма на јавен повик го склучи минатата година. Но работите на терен не започнаа според предвиденото, а причината ја откри Министерката за одбрана Славјанка Петровска која викендов беше во посета на армискиот Центар за обука на вода.
„При почетокот на оваа реконструкција добивме укажувањето од граѓанска организација којашто тврдеше дека има можност за загрозување на животната средина со градежните активности. Со цел да не се шират дезинформации времено ја стопиравме реконструкцијата и побарани се мислења од надлежните институции Министерството за животна средина, Заводот за заштита на културното наследство и УНЕСКО и сите по увидот кој го направија во документацијата, вклучително и Елаборатот за заштита на животната средина констатираа дека нема никаква опасност по животната средина”, – рече министерката Петровска.
Одлуката за реконструкција за Сидриштето е донесена пред повеќе од една година, откако бил направен надзор од стручни лица од чија што страна било констатирано дека истото е во лоша состојба и претставува опасност за корисниците. Од причина што досега немало потпорен ѕид се појавиле свлечишта на брегот.
Реконструкцијата на сидриштето опфаќа изведба на потпорен бетонски ѕид за да нема свлечиште на земјиштето, поставување на нова дрвена платформа изведена од дрвена конструкција и поставување на нови канделабри и рефлектори за осветлување.
Новата дрвена платформа ќе биде изработена од импрегнирани дрвени елементи за кои што ќе се користи еколошки материјал за импрегнација за да не дојде до загадување на езерската вода„ – информираа од министерството за ТВМ во ноември минатата година.
Реконструкцијата на платформата при која ќе се користат еколошки материјали се однесува на левата страна на Студенчишкиот канал и тоа во должина од 190 метри. Се очекува работите да бидат завршени во рок од 45 дена. Реконструкцијата се врши врз основа на истиот проект согласно кој е изведена реконструкцијата на десната страна на каналот.
Сидриштето „Билјанини извори” во Охрид е изградено во 2005 год. со тоа што тогаш е поставена сегашната дрвена платформа која што до денес не е реконструирана. Истата се користи за воени и цивилни пловни објекти.