Борис Стојаноски доби признание од Црвен Крст за 100 крводарувања во 2023 год
65 годишниот охриѓанец Борис Стојаноски денеска доби признание за својата хуманост. Црвен Крст Охрид му додели плакета за 100 остварени крводарувања во 2023 година на свеченост по повод 17 март Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст на РСМ. Стојаноски вели дека редовно дарува крв од 1978 година и дека ќе продолжи и понатаму се додека го служи здравјето.
„Крвта се дарува да му спасиш некому живот, да му помогниш, да бидеме хумани. “ – изјави Стојаноски.
Милчо Бујароски, почнал да дарува крв од 1980 година, од неговите војнички денови. Доби признание за остварени 75 дарувања крв.
„Сакам да се заблагодарам на организацијата на Црвениот крст за тоа што го организираше ова денеска. Чест ми е што го добив ова признание за 75 дарувања крв. По стапките мои, се надевам дека продолжува и мојот син којшто има околу 25-26 дарувања, меѓутоа не живее сега овде во Македонија и ги охрабрувам сите и им посакувам на сите млади, здрави луѓе да даруваат крв, затоа што сите знаеме дека ова е хумана работа.“ – изјави Бујароски.
Како резултат на хуманоста на крводарителите, ангажираноста на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, се обезбедуваат потребните единици крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во нашиот град. Хуманоста што ја покажуваат нашите крводарители придонесува да бидат спасени многу човечки животи, посочува претседателот на охридскиот Црвен Крст, Сашо Точков. Ним но и на заслужни поединци, фирми, институции, Организацаијата со признанија и благодарници им укажа почит на пригодна свеченост.
„Навистина сме горди што имаме голем број на крводарители, нашето семејство овде во Охрид и во околината брои преку 1.500 крводарители коишто несебично се посветени, исполнети со таа хумана нитка, со тој хуман гест да даруваат крв и да спасуваат човечки животи. Крвните единици коишто тие ги дарувале, зборувам за 2023г, се употребени во здравствените установи во Охрид и Дебрца, но и во целата држава, така да, се спасени многу човечки животи. Продолжуваме посветено на оваа проблематика на крводарителството. Ги охрабрувам и ги поканувам сите оние коишто се чувствуваат здрави, коишто можат и сакаат да бидат хумани, можат да го направат тоа овде во Црвениот крст и во службата за трансфузиона медицина во болницата во Охрид.“ – кажа Точков.
Минатата година на 18 крводарителски акции организирани од Црвен крст Охрид собрани се 1.507 единици крв. Радува тоа што преку 10% од оние којшто дарувале крв во 2023г се првократни дарители, тоа не охрабрува дека и понатака ќе имаме млади луѓе коишто хуманоста ја гледаат во спасувањето човечки животи преку дарувањето на крв, вели Точков.