Зајкова во Охрид: Секој поединец е важен и со својот глас одлучува во каков правец ќе се движи државата
Денеска на средби со граѓаните на Охрид беше претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова. Посетата е во рамки на активностите на партијата во иницијативата насловена „Секој е важен“ која има за цел да се слушнат мислењата на граѓаните и нивните потреби од прва рака. Генерално кога дискутирате со граѓаните, проблемите речиси во секое населено место се исти, вели Зајкова.
„ Незадоволство од корупцијата и правосудниот систем , голем број поплаки за образованието и како да ја направиме атрактивна Македонија за младите луѓе да останат тука, нормално и во делот на животната средина и локалните комунални проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. Токму затоа ги слушаме нивните предлози, се работеше интензивно на решенија, програмата „Секој е важен“ е спремна. “ – изјави Зајкова.
ЛДП на овие избори ќе биде коалиционен партнер на СДСМ и во тек се разговорите за конципирање на листите со кандидати и позициите. Граѓаните стануваат апатични кон политиката, но не треба тоа да се дозволи, вели Зајкова и порачува дека секој поединец треба да има на ум дека е важен и со својот глас одлучува во каков правец ќе се движи државата.
„ЛДП одлучи да ја даде својата поддршка на онаа коалиција која ќе ја движи државата побрзо напред кон ЕУ и дека ќе биде предводник на таа европска коалиција. Во тек се преговорите со актуелните коалициони партнери , а во понеделник се закажани Извршниот и Централниот одбор на партијата на кои ќе се носи одлуката за кандидатите за пратеници и бројот на места кои ќе ги има ЛДП во коалицијата и одлуката за настапот на претстојните претседателски и парламентарни избори. “ – кажа претседателската на ЛДП.
Либерално-демократската партија (ЛДП) има бројни иницијативи во законодавниот дом, од измени во Кривичниот законик со кој се предлага подигнување на рокот на застареност на кривичните дела, законот за платни системи со којшто треба да се намалат провизииите што ги плаќаат граѓаните во банките и иницијативата за измени на Законот за благосостојба на животните каде акцент се става на одговорно сопственишто и зголемување на казните, задолжително чипирање и регистрирање на одгледувачници. Актуелна е и иницијативата на ЛДП за измена на Законот за локална самоуправа со којашто се враќа можноста која ја имаа граѓаните до 2002 година да можат да го отповикаат градоначалникот со референдум доколку не се задоволни од неговата работа.