ЦЈЗ Охрид започна со анализи за респираторни инфекции со молекуларна дијагностика
Во микробиолошката лабораторија на Центар за јавно здравје Охрид започна тестирање на молекуларно ниво со Multiplex RT-PCR технологија на вирусни и бактериски причинители на респираторни инфекции.
После воспоставувањето и примената на целосно авотматизиран систем на PCR-real time детекција и определување на 14 високоризични типови на Human Papiloma Virus (HPV) и Chlamydia trachomatis, во Центар за јавно здравје Охрид е набавена и инсталирана нова опрема за брза и прецизна молекуларна детекција на респираторни вируси и бактерии причинители на респираторни инфекции.
За разлика од имунолошките техники базирани на детекција на антитела, кои се развиваат после одреден период (7 дена) по инфекцијата, молекуларната технологија која ја применуваме е погодна за детекција на акутни состојби на инфекција.
На InGenius се тестираат назофарингеален брис, орофарингеален брис и спутум, при што за само неколку часа се добиваат резултати за горно и долно респираторни инфекции предизвикани од вирусите SARS-CoV-2, Influenza A, Influenza B, Respiratory Syncytial Virus (RSV), бактериите Mycoplasma pneumoniae, Chlamydia Pneumoniae, Legionella pneumophilla. Токму овие атипични бактерии (микроорганизми) може да предизвикаат пневмонија, уште наречена и атипична пневмонија
„Продолжуваме посветено да се грижиме за здравјето на нашите пациенти, вложувајќи во нови дијагностички методи за микробиолошка анализа на хуман материјал, во согласност со светските трендови и стандарди. Со тоа овозможуваме високо квалитетна и професионална здравствена услуга која може да одговори на потребите на сите пациенти и лекари, за брзо, точно, успешно и ефикасно дијагностицирање и следење на различлни состојби, што води кон унапредување на здравјето на нашите пациенти.“ – вели директорот на Центар за Јавно здравје Охрид, Сашо Точков.