Стружани ќе можат да пријавуваат локални проблеми преку апликацијата Prijavi24
Стружани од денеска локалните проблеми ќе може да ги пријават преку апликацијата Prijavi24, соопшти Општина Струга.
Мобилната апликација може да се преземе бесплатно од GooglePlayStore и AppStore или со скенирање на приложениот баркод, објаснуваат од општината.
– Преку апликацијата, може да пријавите проблеми поврзани со градот и околните населени места од сите категории, како што се улично осветлување, дупки на патот, објекти склони на рушење, проблеми од областа на животната средина, уништена урбана опрема, отпад и диви депонии, градби и дивоградби, велат од општината.
Апликацијата има опција и за прикачување слики од дадениот проблем, а пријавувањето може да биде анонимно или јавно.
Според Општина Струга, граѓаните може да дадат и предлози со кои би се подобрил целокупниот начин на живеење во општината.


