Поднесена кривична пријава против поранешниот директор на ЈП „Градски гробишта“ Ванчо Костоски
ЈП Градски Гробишта до ОЈО Охрид и СВР Охрид, поднело кривична пријава против советникот во Советот на општина Охрид и претседател на ВМРО НП, Ванчо Костоски поради сомение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба и овластувања“ додека бил директор на јавното претпријатие.Костоски како директор на ЈП „Градски гробишта“ во повеќе наврати со склучување на договори за давање на 8 гробни места под старателство со трговско друштво ИВИРЕ ДООЕЛ од с. Лескоец, во 2019 година му овозможил да стекне противправна имотна корист на наведеното друштво, притоа нанесувајќи штета на претпријатието со кое раководел, кажа денеска на прес-конференција Потпретседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Александар Китески.
„ Со вака овозможеното добивање старателство на гробните места на правното лице ИВИРЕ ДООЕЛ му се пружила можност истите да ги препродава, односно да ги отстапува за финансиски надомест кој согласно сознанијата кои ги имаме е многу повисок од оној по која цена стопанисува ЈП „Градски Гробишта, а истовремено овозможено му е на правното лице и да ги подарува истите, секако како би се избегнале било какви трансакции согласно законот за платен промет.“ – кажа Китески.
Ваквото постапување на пријавениот е недозволено, рече Китески според одредбите од Законот за гробишта и погребални услуги според кои гробно место може да се пренесе во старателство во оној момент кога на странката ќе му треба, односно во оној момент кога ќе има смртен случај. Потенцира дека за незаконските дејствија постоела документација и очекуваат во најскоро време да биде постапено по истата.
„Покрај ОЈО Охрид го повикуваме и началникот на Економски криминал во СВР Охрид, Сашо Јанкоски, кој незаконски е поставен на тоа место во СВР Охрид без да ги исполнува условите согласно Законот за внатрешни работи и за кого во текот на вчерашниот ден слушнавме како ги партизирал институциите со негови блиски луѓе како благодарност за послушноста спрема Зечевиќ, наместо да се занимава со правење измислени оперативни извештаи, лично да ја земе и сработи оваа кривична пријава. Исто така, ги повикувам и инспекторите во Економски криминал при СВР Охрид, да не подлегнуваат на притисокот од криминално поставениот началник и да не се потпишуваат на неосновани кривични пријави само со цел да се наштети на лица кои не припаѓаат на криминалната структура на СДС.– рече Китески.
На новинарско прашање зошто дури сега се поднесува кривичната пријава, Китески со одговор дека чекале да дојде до промена на министерот за внатрешни работи и да има промени во СВР Охрид бидејќи имале сомнеж дека доколку се поднесат пријавите порано истите ќе завршеле во фиока.
Китески најави дека и во наредните денови од страна на ЈП Градски Гробишта против Ванчо Костоски ќе бидат поднесени нови кривични пријави за сторена злоупотреба на службената положба и овластувања. Време е во Македонија да завладее правдата и правото, а со тоа на пријавениот да му биде изречена казна според законот, порача Китески.