Одложено денешното судско рочиште за случајот Пендиков
Oдложено денешното рочиште од судкиот процес за случајот Пендиков. Причината е што денеска во Основниот суд во Охрид не се појави 23-годишниот битолчанец Борче Ангелев како кообвинет за кривичното дело „нанесување на тешки телесни повреди“ на секретарот на сега згаснатото здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, како и на двајца од тројцата сведоци предвидени да дадат исказ пред судискиот совет. Првообвинетиот Илија Спасески пак, откако беше исконтактиран, за кратко време пристигна во судот.
Сметам дека се работи за купување на време, дека намерно го одолговлекуваат процесот, изјави застапникот на Христијан Пендиков, адвокатот- Стефан Камишевски.
„ Усно на предходното рочиште беа известени дека ова рочиште ќе се одржи денес во 12 часот , такашто и законот и нормалното расудување препоставува дека се уредно известени и требаше да се појават денес. – кажа Камишевски.
Бранителот на обвинетите, Димитар Цобоски, пак, во изјава за медиумите рече дека одбраната нема потреба од одолговлекување.
„ Зошто би купувале време?! Нема врска. Очигледно е дека и двајцата обвинети мислеле дека рочиштето е на 27-ми, по кој основ не знам. Меѓутоа еве, првообвинетиот веднаш кога му се јавивме дојде на судењето.“ – изјави Цобоски.
Застапникот на оштетениот, адвокатот Камишевски, до Судот доставил отштетното побарување поткрепено со невро-психијатриско вештачење, но за медиумите не сакаше да коментира колкав е износот на материјалната оштета која ја бара Пендиков. Адвокатот на одбраната има забелешка во однос на вештачењето.
„ Има нешто што ми падна в очи по однос на психијатриското вештачење кога невро-психијатар вештачи за физичката болка. Невро-психијатар може да вештачи само за душевната болка, а за физичка болка треба друг вид на специјалист да вештачи. Меѓутоа ќе видиме во понатамошниот тек на постапката.“ – кажа Цобоски.
Наредното рочиште е закажано за 16 ти април за кое судијата Бојан Мартиноски побара со полициска придружба да се обезбеди присуство на обвинетиот Борче Ангелов.
Процесот за претепувањето на секретарот на згаснатиот бугарски клуб во Охрид е во фаза на изнесување на доказите од страна на застапникот на обвинението, по што ќе следува иснесување на доказите од страна на одбраната.Пендиков беше нападнат на 19-ти јануари 2023 год во угостителски објект на Кејот на Охридското Езеро. По инцидентот беше префрлен на лекување во Бугарија каде подоцна доби и бугарско државјанство. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје.