Skip to main content

“Зелена младина – Зелена иднина”

Најмладите жители на Стар Град Охрид со порака: СТОП за пластиката за еднократна употреба

Изработени и поделени 100 еко пикник пакети од најмладите жители на Стар Град Охрид, со порака: СТОП за пластиката за еднократна употреба.
 |  инфодеск  | 

Вредните рачиња на најмладите жители на Стар Град Охрид, на плажата Сараиште, изработија и поделија 100 еко пакети со еколошки прибор за јадење – пикник сет, за предстојните пролетни денови и празници кои граѓаните и туристите ги користат за излети околу крајбрежјето на Охридското Езеро. Со оваа активност дечињата испратија порака “СТОП за пластиката за еднократна употреба”.

Целта е подигнување на јавната свест околу штетноста на пластиката за еднократна употреба, како дел од проектот “Зелена младина – Зелена иднина” на Здружение Клуб за нуркање АКВАТЕК Охрид.

„Пластиката за еднократна употреба како пластични чаши, пластичен прибор за јадење, најлонски кеси, шишиња.., се најголемиот загадувач на Охриското Езеро. Преминувањето на поеколошки алтернативи е еден од начините за спречување на бескрајната акумулација на пластика за еднократна употреба. До почиста и поздрава животна средина, со промена на навиките.“ – велат од Здружение Клуб за нуркање АКВАТЕК Охрид.

Проектот “Зелена младина – Зелена иднина”, на Здружение Клуб за нуркање АКВАТЕК Охрид се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот “Зелена младина – Зелена иднина” е кофинансиран од Општина Охрид.