Потребно е воведување на нови авио линии на охридскиот аеродром
Потребно е воведување на нови авио линии на охридскиот аеродром. Ова е ставот на повеќето туристички работници од регионот. Велат моментално охридскиот аеродром е неискористен. Има летови до само 4 дестинации, три со нискобуџетната Виз Ер до Виена, Дортмунд и Менинген и еден лет со Чер ерлајнс до Цирих.
Ги нема летовите за Милано, Базел, Малме и Лондон. Според најавите причината, за намалувањето на летовите на екс ЈУ просторот е во тоа што компанијата приземји 20% од својата флота за инспекција поради пронајдена ретка аномалија во металниот прав кој се користи во производството на специфична компонента на моторот.
„Секако, Охрид е отворен град имаме идеални услови преку аеродромот да се поврземе и со хрватските градови. Еве со Србија го имаме Охрид- Белград со четири пати неделно. Мислам дека ќе се јави интерес и потреба од воведување на авиолинии особено од екс Ју просторите. Аеродромот треба да се валоризира во повеќе насоки колку и да се инвестира се ќе биде повратно бидејки тие луѓе ќе бидат конзументи на нашите услуги.“ – вели Михајло Филев почесен Конзул на Р Србија во земјава.
И туристички водичи од соседството велат потребни се повеќе дирекни авио линии меѓу земјите на Балканот. Тоа ќе значи побрз и полесен пристап и размена на туристи меѓу земјите во Бивша Југославија.
„ Toa сигурно би био добро бидејќи еве ние од Хрватска патувавме 12 часа, поминувајќи бројни граници, така што со авион сигурно ќе биде полесно ќе се скрати патувањето”, вели Светлана Ловренчич туристички водич од Хрватска.
И граѓаните велат потребни се повеќе авио конекции. Голем дел од жителите од регионот последните неколку години патуваат од аеродромот во Тирана, каде што оперираат две нискобуџетни компании. Од Тирана со Виз Ер се достапни 60 тина дестинации во светот, додека со Рајан Ер 24 авиоконекции. Од двата аеродроми во земјава со нискобуџетната Виз ЕР достапни се само само 30 дестинации.
Новинар Соња Рилковска