Реактивната мисија на УНЕСКО ја скенира состојбата во Охридскиот регион
Реактивната мисија на УНЕСКО пристигна во Охрид и деновиве ќе ја скенира состојбата со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион со цел да ја утврди фактичката состојба на терен во поглед на закананите врз универзалната вредност на доброто. Претставниците на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и неговите советодавни тела Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН) вчера попладне имаа работна средба со Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, тим од локалната самоуправа и претставници на невладини организации. По средбата Градоначалникот објави дека во неговото излагање ја потенцирал силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на светското наследство на регионот.
“Детално ги инфомирав за сите чекори кои како Локална самоуправа ги преземаме и со временските рамки за реализација на истите. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот од УНЕСКО.“ – кажа Пецаков по средбата која беше зад затворени врати.
Денеска мисијата оствари средба во Охрид со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Македонските власти го отценија како позитивен Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките, кој го добија во септември минатата година. Од него произлегоа задачи да се поднесе ревидиран Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион и да се направат измени на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Македонија и Албанија изготвија ревидирана верзија на Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот регион, кој содржи акциски план со мерки за имплементација до 2030-та година а кои се темелат и врз препораките од Реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО од 2017 и 2020 година. Измените и дополнувањата, пак, на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење е во собраниска процедура заедно со Предлог законот за прогласување на Охридско езеро за споменик на природата. Најзначајна новина којашто е предвидена со измените на Законот за старото градско јадро е дека до донесување на новите усогласени детални урбанистички планови не ќе може да се градат нови објекти, доградби и надградби. Дополнително Предлогот на законот содржи одредби за посебна заштита на Старото градско јадро и на неговата контактна зона од дејства со коишто може да дојде до оштетување, неповратно видоизменување, уништување или деградирање на споменичната целина.
За некои од забелешките на реактивните мисии од 2017та и 2020та година започнато е постапување, се носеа документи, планови, во процедура се закони, меѓутоа дел од битните документи, како што е Генералниот урбанистички план од државно значење за крајбрежјето на Охридско езеро, се уште доцнат. Од друга страна, пак, она што е донесено како и законската легислатива не се спроведуваат доследно на терен, се само дел од забележките на екологистите.
„ Од витално значење е планот за крајбрежје бидејќи таму има голем број дивоградби, а освен тоа плажите долго време се неуредени без некој план кој би ја средил целата таа состојба. Во извесни нешта постигнат е напредок. Добро е тоа што започна да се рехабилитира колекторскиот систем и на тој начин се спречи прелевање на фекални води во езерото, но во однос на спроведувањето на законите на терен недостасува заострена инспекциска контрола и можеби капацитетот на инспекциските служби е мал. Ние сметаме дека е потребна пософистицирана контрола со современи средства како дронови, термални камери за спречување и на дивоградби и на рибокрадството на Охридското езеро“ -вели Ѓоко Зороски – екологист НВО.
Извештајот на реактивната мисија за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион како и ревидираниот Стратегиски план за негова рехабилитација ќе бидат разгледани на 46. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што треба да се одржи во јули 2024 година, кога и ќе следува донесување на нова одлука за статусот на Охридскиот Регион.