Пролетно чистење на брегот на Охридското Езеро спроведоа невладини, ученици и ЈП Охридски Комуналец
Со повеќе еколошки акции започна пролетното чистење на брегот на Охридското Езеро. Невладини, активисти, ученици и ЈП Охридски Комуналец досега реализираа две од планираните четири големи акции. Се чистеа плажите Акапулко, Лагадин, Пештани и Елешец.
Како граѓани имаме сериозна обврска за заштита на Охридското Езеро од секакви штетни влијанија кои го нарушуваат неговиот деликатен и уникатен екосистем. Само заеднички може да влијаеме на зачувување и промоција на природното наследство, велат активистите.
„ Искрено се надевам дека овие предвелигденски чистења на плажите ќе станат традиција кај нас во Охрид, а следната година може да ги вклучиме и улиците, парковите пролетно да зачистиме . Во овие акции сакавме да ги вклучиме средношколците тие се многу сериозна група на граѓани кои што треба да се едуцираат да знаат а кога ќе се наведнеш да кренеш отпад и кога ќе видиш што се постои на крајбрежието на плажите малку на друг начин размислуваш кога ќе отидеш на плажа“, изјави Драгана Карашова активист.
Ниската еколошка свест кај населението е клучен проблем. Несовесно се одлага секаков вид отпад на брегот но и во самото езеро.
„Охридското Езеро не е исклучок од она што ни се случува во цела држава. Ние официјално се наоѓаме во еколошка катастрофа веќе подолго време и тоа се провлекува без никакви конкренти решенија. Охридското езеро е персонификација на она што се случува, насекаде а за жал немаме решенија за проблемот. Нуркачите велат од она што можеме да го замислиме е многу полошо, така е насекаде на нашите, планини реки оние кои шетаат знаат. Еве по патиштата ансекаде иамме депонии со шут, кабаст отпад“, вели Карашова.
Потребна е стратегија со конкретни емрки и активности за зачувување на животната средина, но и зголемување на еколошката свест кај населението.
Новинар Соња Рилковска