Професионални готвачи се најдефицитарен кадар на охридската ривиера
И оваа сезона на охридската ривиера ќе се чувствува недостигот на професионален кадар во угостителството. Продолжува трендот на одлив на квалитетна едуцирана работна сила, на годишно ниво само од Охрид заминуваат повеќе од 2500 работници претежно во Хрватска Врз квалитетот на услугата во угостителството најмногу се одразува недостигот на професионални готвачи кои се срцето на секој ресторан, вели Проф. Климент Наумов од ФТУ.
„Недостигаат 90% вистински професионални готвачи во угостителството на охридската ривиера. Јас мислам дека скоро во секој ресторан недостига еден до двајца готвачи бидејќи евидентно е дека станува за збор за импровизаторски пристап во оваа сфера, стануваат готвачи некој што немаат можеби ниту основна едукација во кулинарството и се даваат некои инстант решенија. Квалитетните кадри за жал ни заминуваат. Хрватска е најблиската дестинација, но тежнеат да одат и во Скандинавските земји, Германија, Велика Британија, Ирска. – вели Проф. Климент Наумов.
Тоа пред се, се должи на неможноста на локалните угостители да понудат повисока плата. Професионален готвач не треба да добива плата пониска од 1500 евра што е тешко дури и да се замисли кај нас. Но треба да се земат предвид некои странски искуства како некои западноевропски земји каде државата субвенционира дефицитарни стручни кадри или јакнење на претприемнички и менаџерски способности на сопствениците на рестораните да вложуваат во едукација и мотивирање на квалитетен кадар.
„ На запад има една нововоспоставена пракса којашто навистина добро функционира и е мотивирачка за професионалниот персонал, претежно за главните готвачи, а тоа е сопствениците на рестораните им нудат можност да добијат и дел од колачот односно да добијат сопственички процент во самата фирма со што дополнително се мотивираат готвачите подобро да работат и да дадат поквалитетна услуга. “ – вели Наумов.
Недостигот на кадар во угостителството сезонски ќе се надополнува со работна сила од странство, но тоа не го решава проблемот. Квалитетен и едуциран професионален готвач не се станува преку ноќ и не може да се замени со работници кои што добиваат инстант обука од лица кои не се компетентни да пренесат знаење, вели Проф Наумов. Импровизациите генерираат неквалитна услуга, незадоволни гости и поголеми проблеми. Она што ќе го зготват работници од странство ќе бида прифатливо , но кога зборуваме за понуда на традиционална кујна и локални гастрономски специјалитети, секогаш треба да се стремиме да се надминат очекувањата на гостите.