Културното наследство е наш идентитет, препознатливост во светски рамки и капитал за економски развој
Културното наследство е наш идентитет и наша препознатливост во светски рамки и воедно тоа е капитал за економски развој преку туризмот. За нематеријалното наследство, споменици и локалитети, нивното значење за локалниот развој преку туризмот и нивна заштита, на национална конференција во Охрид разговараат универзитетски професори, експерти и дипломати.
Промовирајќи го културносто наследство преку туризмот ние правиме бренд, правиме идентитет во светски рамки, вели Проф. д-р Сашо Коруновски од ФТУ.
„Некој мисли дека туризмот му штети на културното наследство. Напротив, културното наследство и туризмот се на иста страна , а тоа значи промоција, економски придобивки и можност за заштита на културносто наследство. Кога се работи за туризмот културното наследство претставува културен капитал. Културниот капитал којшто го имаме во изобилство е светки признат и е алатка преку која туризмот ни обезбедува брендирање, препознатливост но и формирање на силен идентитет што значи препознатливост во светски рамки и привлечност. Ако тој идентитет, тоа наследство го чуваме по сите светски стандарди тогаш одиме напред.“ – кажа Проф. д-р Коруновски.
Годинава се навршуваат точно 45 години од прогласувањето на Охрид за цивилизациско културно и природно богатсво на светот, што е импресивно, потсети Проф. Д-р Јордан Плевнеш.
„Конференцијата Културното наследство на Охрид и можноста за привлекување на странски туристи, зборувам за глобалната рамка бидејќи Охрид е еден од центрите на светската цивилизација не само на Македонија и на Балканската историја, ќе придонесе за предизвикот интересот за Охрид да се пробуди по сите меридијани тоа е целта на оваа конференција .“ – истакна Проф. д-р Плевнеш, Претседател на Охридска академија на хуманизмот.
Во современите услови на глобализација луѓето ги градат своите ставови според перцепциите во светот, луѓето коишто доаѓаат за научни истражувања и луѓето што доаѓаат за туризам во Македонија, и секаде во светот, во денешно време, бараат уникатни места, места кадешто луѓето сонуваат заедно. За нас е најважно она што го имаме во душите и во нашите срца да го споделиме со нив, вели Проф. Д-р Љубен Тевдовски од Институтот за културно наследство и археологија-Скопје.
„Ние како Македонци, како интелектуалци и како дипломати, како универзитетски професори , целиот наш народ , сме должни да го споделиме со светот нашето културно наследство , оние богати слоеви коишто Македонија ги има, имала и ќе ги има, да ги сподели со целиот свет. Македонија е светски бренд во културното наследство, нашите потенцијали се неограничени и ние така треба себе си да се презентираме бидејќи можеме да се носиме со најголемите светски центри во делот на културното наследство , во делот на археолошкото, етнолошкото, етномузиколошкото богатство на македонскиот народ и држава.“ – кажа Проф. Д-р Љубен Тевдовски.
Светското природно и културно наследство признаено и заштитено од УНЕСКО е чест но и голема одговорност во пристапот на негова заштита и одржливо управување, истакна меѓудругото во својот поздравен говор на конференцијата, градоначалникот Кирил Пецаков.
„ Низ годините наназад, веројатно сме се однесувале како што не треба со тоа наследтсво коешто е признаено и заштитено од страна на УНЕСКО, сме се довеле до разни ситуации коишто би рекол дека ни донесоа предизвици, посебно од 2018-тата навака. Би рекол дека со менаџмент планот од УНЕСКО, поддржан од Советот на Општина Охрид, и Министерството за транспорт и врски и Владата, започнавме да ги решаваме проблемите, првично со урбанизацијата на гардот, а понатаму сите предизвици за заштита на природата и Охридското Езеро.„ – кажа градоначалникот Пецаков.
Националната конференција на тема: Културно наследство и туризам – меѓународни стандарди и локален развој е по повод 18 април Меѓународниот ден на културното наследство, а во организација на Институтот за културно наследство и археологија-Скопје, Факултетот за туризам и угостителство-Охрид и Општина Охрид.