Реализирана инвестиција во централен систем за дистрибуција на кислород во три сали за хемодијализа, и во три соби наменети за интензивна нега во ЈЗУ Специјализирана болница Нефрологија Струга. Воедно подобрени се условите за хемодијализа преку набавка на опрема реверзна осмоза.
Инвестициите се во рамките на проектот „Реконструкција на ЈЗУ Нефрологија Струга и креирање на услови за здравствен туризам во ЈЗПР„ реализиран преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
–Активностите планирани во рамките на овој проект, предвидуваат Специјализираната болница ЈЗУ Нефрологија Струга да биде важен сегмент во здравствениот систем на Македонија преку реализирање на над 15.000 дијализи годишно и подобрување на услугите преку обезбедување на безбеден систем за снабдување со кислород, со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги на центарот за болните од хронична и акутна ренална инсуфициенција, велат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Направената инвестицијата е во вредност од 3.800.000 денари. Проектот се финансира преку Министерство за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка. Изведувач на работите за дистрибуција на кислород е: Друштво за производство на индустриски гасови ТГС ТЕХНИЧКИ ГАСОВИ од Скопје и за реверзната осмоза ДПТУ Фарма Трејд од Скопје.