Кандидатите за Претседател упатија пораки до граѓаните откако го остварија своето гласачко право
Седуммината кандидати за претседател на државата денеска го остварија своето право на глас, по што дадоа изјави во кои упатија пораки до граѓаните по првиот круг од претседателските избори.
Кандидатот на СДСМ и Колаицијата за европска иднина, Стево Пендаровски истакна дека очекува мирен изборен процес и на 8 мај кога ќе се одржат вториот круг на претседателските и парламентарните избори.
„Тоа е исклучително важно, не толку за индивидуалните кариери на секој од нас кандидатите кои сме на овие претседателски избори, тоа е исклучително важно за целата држава, за Македонија, бидејќи држава која преговара со Европската Унија не смее да си дозволи лош изборен процес. Имаме долго искуство во таа смисла, повеќе од 30 години сме независна држава, имаме поминато многу изборни циклуси и јас се надевам дека како и минатиот пат, така и сега тоа ќе биде со запазување на највисоките европски и меѓународни стандарди“, рече Пендаровски.
Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова по гласањето.
„Јас никогаш не агитирам за себе, граѓаните знаат за кого да гласаат, знаат да си го искористат избирачкото право. Генерации гинеле за негово користење! Споредете и направете го вистинскиот избор! Не само програми туку споредете и што се случуваше.“-изјави Силјановска Давкова.
Честитки за денешниот изборен ден до сите граѓани, покажавме дека можеме да направиме мирни и демократски избори, рече претседателскиот кандидат на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
„Многу сум среќен што денеска гласаме за наш претседател, ниту за српски, ниту за бугарски, ниту за грчки претседател. Вечна слава нека им е на асномците коишто ги удрија темелите на современата македонска држава и го остварија вековниот идеал на македонскиот народ. Точно е дека оваа држава не е совршена, додаде тој, но, подвлече, сите сме одговорни за тоа каква држава имаме, и „ние што бираме и тие што се бирани на функциите“– рече Јакимовски.
Кандидатот за претседател на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ Бујар Османи по гласањето изјави дека посакува граѓаните да гласаат со цел и надеж за подобри денови на државата во големата европска фамилија,
„Овие избори не се обични избори, туку се одлучувачки избори по однос на иднината на државата. Граѓаните се исправени пред две опции – изолација или интеграција, очекувам да ја донесат правата одлука“, кажа Османи.
Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица го оствари своето право на глас во изборно место во основното училиште каде прв пат зачекорила во школските клупи, па во изјавата по гласањето кажа „еве ме на 60 годишнината во моето основно училиште каде денес зачекорив да го дадам гласот за себе, се разбира.“
„Ова е малку необична ситуација затоа што ние на Универзитет кога сме подложени на избор излегуваме надвор од просторијата и коректно е да не гласаме за себе. Меѓутоа ова е друг тип на битка, ова е политичка битка, во која всушност со чинот на гласање ја изразувам сопстевната убеденост во тоа што го говорам, во тоа што го понудив и се надевам дека голем број на граѓани ќе го направат тој чекор, да дојдат до гласачките места.Мислам дека е тоа првиот и најважен чекор, а каков избор ќе направат ќе видиме вечер. Па, ќе видиме како граѓаните ќе проценат.“ рече Ванковска.
Кандидатот за претседател од Коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, по гласањето порача дека посакува изборите да бидат фер и демократски.
„Нека победи подобриот. Ние секој резултат ќе го прифатиме. Атмосферата е добра, има ентузијазам, а граѓаните масовно излегуваа што е добро за опозицијата. “ -рече Таравари по гласањето.
Народот одлучува за иднината на Македонија, порача кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ , Максим Димитриевски по гласањето.
„Посакувам денеска во Македонија да победи демократијата и пред се Македонија. Народот да ја даде поддршката на тој што смета дека ја заслужува. Јас како кандидат Ќе ја почитувам волјата на народот. Нека денешниот ден биде празник на демократијата во Македонија.“ – изјави Димитриевски.