Вечерва се отвора изложбата ПЕРИФЕРИИ на дела од меѓународни уметници, инспирирани од Охридското Езеро и неговите жители
Во Галеријата при Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, од 25-ти до 27-ми април 2024 година ќе биде поставена групна изложба на дела од осуммина меѓународни уметници, инспирирани од Охридското Езеро и неговите жители.
Осуммина меѓународни уметници престојуваа во Охрид во април 2024 година како дел од проектот ПРОСПЕР: Прототип за одржливи резиденции на периферии. За време на престојот тие се сплотија со околината и остварија интеракција со природата и со урбаното опкружување околу Езерото.
-Идејата на резиденцијата беше да се инспирираат уметниците да пронајдат врски помеѓу нивната авторска практика и кревката околина на Охридското Езеро и неговите жители. Уметниците кои беа дел од резиденцијата се изразија преку создавање: фотографии, скулптури, композиции, поеми и интервенции на пронајдени предмети. Траги од нивното креативно истражување се изложени во рамките на групната изложба,- информираат организаторите.
На изложбата може да се видат делата на: Јара Асмар, Клаудио Беоркија, Јулија Ехлер, Кафар Рзаев, како и перформативно поетско читање на Ката Ѓорфи (во определен термин). Делови од програмата се случуваат и на самото Езеро и во неговата околина. Муралите на Марија Видовиќ може да се видат на повеќе локации во Охрид, а воденото медитативно звучно доживување на The New Liquidity (Андерс Ехлин и Селма Бошкаило) се случува на Езерото. Проектот ПРОСПЕР го реализираат 5 организации: Перипетија Продукција и ЛАР Струга (Македонија), ЛУП (Грција), Ехо анимато (Србија) и Ојун (Германија). Проектот е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија, како и од Министерството за култура на Република Македонија.
Перифериите се места на солидарност кои партнерите на ПРОСПЕР имаат за цел да ги истражат по пат на создавање врски помеѓу еколошки ранливите региони преку низа транснационални културни соработки.