Димитриевски од Охрид: Ќе се залагаме за бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот
Дефинитивно се потврдува тоа што го кажаа граѓаните во првиот круг од претседателските избори дека се роди нова политичка сила во Македонија и повеќе од јасно е дека никогаш повеќе нештата нема да бидат исти во државата, порача претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски од Охрид.
„ Граѓаните го имаат ЗНАМ и ЗНАМ ги има граѓаните. Ние сме мал политички субјект , со многу мал број на членови успеавме да освоиме голем број на гласови, очекуваме уште поголема поддршка од граѓаните на парламентарните избори, а со тоа и да се етаблира третата политичка опција во државата којашто никогаш повеќе нема да дозволи на тие самонаречени големи политички партии да си поигруваат со судбината на граѓаните и да прават непринципиелни коалиции. “ – изјави Димитриевски.
Во однос на информациите во медиумите за сите можни колаицирања, Димитриевски изјави дека за тоа ќе одлучува раководството на партијата ЗНАМ и ставовите ќе бидат изнесени пред јавноста. Димитриевски барајќи ја поддршката за листата на пратеници во Изборната единица 5 на ЗНАМ предводена од Весна Бендевска, вети борба против корупцијата.
„Јас знам само дека првично ние ќе се залагаме за бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот којашто се наоѓа во највисоките кругови на големите политички партии. Дефинитивно нема да имаме коалиција со ДУИ, ниту во било кој момент ќе влеземе во коалиција со ДУИ, а исто така ниту со актуелното раководство коешто го предводи СДСМ затоашто сметаме дека тие имаат свои кандидатски листи коишто служат за обезбедување на имунитет на кандидатите коишто се на првите добитни места на листите.“ – рече Димитриевски.
Димитриевски од Охрид упати апел до сите чесни членови во СДСМ да се приклучат во ЗНАМ бидејќи, како што рече, тука се суштинските корени на АСНОМ од коишто актуеленото раководство се откажало.
Носителката на листата на пратеници на ЗНАМ во ИЕ5, Весна Бендевска, повика на масовна излезност на парламентарните избори, нагласувајќи дека редно е граѓаните да ја земат работата во свои раце.