Велики Четврток: црвено јајце – симбол на Христовото Воскресение
Со денешниот Велики четврток почнуваат велигденските празници.
Велики четврток е четвртиот ден од Страсната седмица пред Велигден. Нарекуван е уште – чистиот четврток. На Велики Четврток се одржала Тајната вечера, на овој ден Христос упатил молитва кон Бог Отецот во Гетсеманската градина и денес настанало предавството на Јуда.
На овој ден се бојадисуваат велигденските јајца кои треба да се црвени бидејќи бојата ја симболизира Христовата крв.
Според обичајот најпрвин се вапцувале три јајца, а потоа и другите. Првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има магиска моќ. Со него, додека уште не е скршено најстариот член на семејството црта крст на челото на најмалите, за да бидат здрави во текот на годината. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.
Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.