Православните верници се подготвуваат за радосната вест за Христовото Воскресение
Охридските храмови се полни со верници кои се молат, палат свеќи и се подготвуваат за празникот над сите празници Велигден. Денеска е Велики Петок, најтешкиот ден во христијанството на кој верниците си спомнуваат на Крстните страдања, смртта на Спасителот Исус Христос и полагањето во гробот. Во црквата наместо литургија се служат Царски часови и оплакувањето кои ниту едно човечко срце не го оставаат рамнодушно.
„Проникнуваат длабоко во сржта на човековото битие и јасно не повикуваат отрезнувајќи не да го согледаме сопствените гревови и слабости, а во исто време пак, гледајќи ја љубовта којашто се полага во гробот, не поттикнува да ја зацврстиме уште повеќе и нашата љубов и нашата ревност и така заедно со него и ние да не се плашиме да страдаме туку за гревот да умреме а потоа понеговата милост заедно да воскреснеме. “ – вели отец Димче Азески.
Црквата за Велипеток пропишува строг пост во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи. Верниците ги посетуваат црквите каде што оставаат дарови и цвеќе и поминуваат под Плаштеницата поставена на специјално украсена маса пред олтарот, која го претставува Христовиот гроб.
„ Овие денови сите треба да одговориме на повикот а тоа е да бидеме во црквата бидејќи сите овие настани не се настани кои некогаш и некаде се случиле туку се случуваат сега и тука. Наше е да бидеме живи и активни сведоци и дирекни учесници на сето тоа. Доаѓаат и туристи, забележително е нивното присуство. Да се потрудиме сите оваа љубов што Бог ни ја дарува со радост да ја примиме и со уште поголема ревност и радост да возвратиме и кон Бога и кон нашите ближни.“ – вели отец Азески.
Покрај посетата на храмовите, граѓаните се подготвуваат да ја прослават радоста на воскресението во своите домови со најблиските на празнична трпеза. Утре на Велика сабота во црквите се служи последната литургија во подготвителниот период за Велигден, а на полноќ ќе биде објавена радосната вест за Воскресението Христово.