ДИК: Одзивот до 9 часот за претседателски избори е 4, 17 отсто, а за парламентарни 4,45
Државната изборна комисија информираше за излезноста до 09 часот, односно два часа по отворањето на гласачките места.
Излезноста на претседателските избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а на парламентарните 4,45 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција утринава. Тој вели дека нема бојкот на претседателските избори, бидејќи сите што излегле на парламентарни, гласале и за претседател.
Даштевски додаде дека сите гласачки места биле отворени навреме, иако се забележани одредени технички проблеми на избирачки места во Кочани, Охрид, Куманово, Тетово и Гази баба.. На дел од нив со решение на ДИК гласањето се одвива со спреј и УВ-ламба.
Во ДИК пристигнале 15 приговори за избирачко право, од кои само три се одбиени.