Поголем одзив за парламентарните отколку за претседателските избори
Македонија бира претседател и нов состав на законодавниот дом.
Излезноста на вториот круг за претседателските избори до 15 часот, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) е 31,53 % Правото на глас до 15 часот го оствариле 554.957 граѓани.
На седмите претседателски избори од осамостојувањето на државата, право на глас имаат 1.814.317 граѓани. За еден од двајцата кандидати да биде избран за функцијата Претседател на Република Северна Македонија треба да освои мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Идниот претседател или претседателка заклетвата ќе ја даде пред стариот собраниски состав, по што ќе треба да се конституира новиот парламент, за чие место се борат кандидати од 17 партии и коалиции.
На единаесеттите парламентарни избори до 15 часот правото на глас го оствариле 636.098 граѓани или 36,71 отсто од вкупниот број избирачи.
На двојните избори гласачите имаат право само еднаш да го посетат избирачкото место за да го остварат своето право на глас при што можат да гласаат за двата или само за еден од изборите што според поголем одзив за парламентарните, отколку за претседателските избори дел од граѓаните и го прават.
На вонредна прес-конференција, ДИК ги опомена членовите на гласачките одбори задолжително да ги прашуваат гласачите дали ќе гласаат за претседателски или за парламентарни избори или и за двата избори и тоа да го прават кон секој избирач. Ова следува откако од терен добиле информации дека членови на избирачките одбори не го почитуваат упатството за гласање на ДИК.
Општата отценка е дека гласањето се одвива мирно и без проблеми. Изборите ги набљудуваат aкредитирани 1.303 домашни и 860 странски набљудувачи.