Гласањето на парламентарните избори и првиот круг од претседателските во Охрид се одвива непречено, во мирна и демократска атмосфера. Сите 87 избирачки места во општината беа навреме отворени и не се регистрирани нарушувања на изборниот процес. До 15 часот своето право на глас го оствариле 38,41 отсто од избирачите за претседателските избори и 38,86 отсто за парламентарните.
„ Ако направиме една компарација во однос на првиот круг и сега излезноста во пресекот од 13 часот е нешто поголема од таа што била во 15 часот во првиот круг . Во утринските часови излезноста се зголемуваше до 11 часот сега во овај период е малку помала и следниот бран по 16 : 30 часот повторно се зголемува.“ – изјави Предраг Васојевиќ, заменик претседател на ОИК Охрид.
Во главниот избирачки список за денешните Парламентарни избори во Охрид се запишани 51.865. Списокот е надополнет со 148 лица кои навршиле 18 години помеѓу двата круга на изборите. Додека за вториот круг од Претседателските останува бројката од 51.717 избирачи.
Нема проблеми и од техничка природа освен на едно избирачко место каде што утрово бил пријавен технички проблеми со биометрискиот уред, па гласањето продолжило со користење на УВ ламба и спреј, информира Васојевиќ. На денешните двојни избори има поголем број приговори од граѓани кои не се пронашле на избирачкиот список.
„Поплаки од граѓани нема. Доставени се 11 приговори. Веднаш испраќаме преку апликација до Дик добиваме одговори. Досега се одобрени 6, 3 се одбиени, еден приговор е отфрлен.„ – изјави Васојевиќ.
И во Општина Дебрца гласањето се одвива непречено без проблеми. На 23 гласачки места до 15 часот гласале 36, 80 отсто од избирачите за претседателските избори и 36, 74 отсто за парламентарните.
Според главниот избирачки список, за Парламентарните избори во Дебрца се запишани 3952 избирачи, додека за вториот круг од Претседателските избори 3941.