Државната изборна комисија вчеравечер го поништи гласањето на уште три избирачки места. Станува збор за избирачкото место 1272 во Општина Охрид, и за избирачките места 1194 и 1202, двете во Крушево, по поднесен групен приговор од Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
По извршеното пребројување за избирачкото место 1272 во Охрид, утврдено е дека записникот не е правилно пополнет, има и корекција во делот на гласачи внесени со рачен внес, објасна претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Приговорот беше усвоен со еден глас против. „Против“ гласаше потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху која укажа дека бројката на гласачи се совпаѓа со бројот на потписи. Таа појасни дека забелешката за резултатите од ова гласачко место всушност се однесува на записникот 16 во делот 4 кој е погрешно пополнет, а тоа е, вели, грешка која ја има речиси кај сите избирачки одбори.
ДИК продолжува со разгледување на пристигнатите приговори. За изборните резултати до ДИК беа поднесени 27 приговори – девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Претседателот на ДИК Даштевски на седница на ДИК посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.