Сајбер безбедноста во фокусот на 20-та Меѓународна регулаторна конференција која се одржува во Охрид
Претставници на регулаторните тела во областа на телекомуникациите од Западен Балкан, ЕУ , меѓународната унија и претставници од приватниот сектор на комуникацискиот пазар, во Охрид дискутираат за резултатите од имплементирањето на 5G мрежата и сајбер безбедноста.
Македонија има најдобар 5G во регионот и меѓу најдобрите во Европа, вели првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, Јетон Акику.
„Достигнуваме брзина и со двата оператори до над 1 гигабит секунда и просек близу 300мегабити на цела територија на државата. Тоа е многу добар резултат споредено и со земјите од регионот на Западен Балкан па и пошироко.“ – вели Акику.
Во поглед на сајбер безбедноста, додека поразвиените држави се изложени претежно на комерцијални сајбер напади при кои целта на хакерите се финансиите, Македонија е загрозена од политички мотивирани напади во сајбер просторот.
„Кај нас сајбер нападите се зголемија откако станавме членка на НАТО и тоа кажува дека мотивите се политички. Како мала држава реално до некаде и добро се справуваме со сите тие напади, посебно за време на изборната кампања имаше најави за такви напади и имаше но за наша среќа се изменаџира ситуацијата доволно добро.“ – вели првиот човек на АЕК.
Сите земји од Западен Балкан бележат напредок на полето на електронските комуникации. Сајбер безбедноста и понатаму е предизвик за балканските како и за сите држави во Европа пришто најризичен фактор во системот за заштита од сајбер напади е човекот.
„ Она што во моментов е предизвик и за кое интензивно се размислува е употребата на AI (вештачката интелигенција) во тие лоши намери како на пример генерирање на лажни повици, лажни интервјуа, лажни вести и слично, но исто така и на генерирање на закани во сајбер просторот. Мора да развиваме методи како да се бориме против тоа, за што ни се потребни се поголем број стручњаци и тоа ќе биде најголемиот проблем. Кај нас тој проблем е поизразен затоа што поради ниските плати имаме одлив на стручњаците.“ – изјави Тонко Огуљан Претседател на Советот на Хрватската Регулаторна Агенција за мрежни индустрии (ХАКОМ).
Технологијата се развива рапидно и тоа бара интеракција и соработка меѓу приватниот сектор и регулаторните тела. На конференцијата ќе се разговара и за управување со спектарот и мониторинг што е од исклучителна важност каде без регионална координација ништо не може да се постигне, вели Јарослав Пондер, Директор на канцеларија за Европа на Меѓународната комуникациска унија (ITU).
„ Затоа многу сме задоволни што на агендата е управување со спектарот, прекугранична координација, исто така и размислување за тоа како да се одговори на можните предизвици кои ќе натежнат на плеќите на државите во иднина поврзани со имплементација на следната генерација на комуникации 6G мрежата и сателитската комуникација со универзален пристап. „– изјави Пондер.
„Премостување на јазот – влез во новата ера“ е насловена годинешната Меѓународна регулаторна конференција што се одржува денеска и утре во Охрид во организација на Агенцијата за електронски комуникации на Република Северна Македонија.